Сите линии во нашата селекција на денешниот дуел со Турција функционираа беспрекорно. Одбојкарите покажаа дека со срце и добра подготовка успесите се неизбежни.

„Сите овие жртви се исплатија. Овие две тешки недели ни носат ново европско првенство. Многу сум среќен. Сите сме како еден, израснати како деца со сите потешкотии. Знаевме дека ќе се кренеме и успеавме. Сега е време да славиме“, изјави Ристо Николов по средбата.

Техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев потенцираше дека овој меч беше одигран и со срце, но и со добра анализа на противникот.

„Денеска излеговме со срце и со една цел – да одиме на европско првенство и еве успеавме. Денеска направивме многу подобра игра, особено на приемот и успеавме да победиме. Сега сме поискусни, подобро е се подготвиме, па апетитите ни пораснаа и ќе бараме место во втората фаза“, вели Ѓорѓи Ѓорѓиев.