Хрватска со реми тргна на Светското првенство, со голот на Иван Чупиќ од седум метри, се спаси од пораз од Јапонија (29-29). За многумина ваквиот расплет е изненадување, но за Лино Червар не е, иако неговата репрезентација беше ставена на листата на најсериозни кандидати за освојување на титулата.

„Ова не е шок. Беше шок кога однапред се зборуваше дека ќе ги добиеме Јапонија, Катар и други. Тие се добар тим, домаќин на Олимписките игри. Затоа не треба да плукате по тренерот и играчите. Морав да направам многу измени, барав најдобра реакција од другите играчи. Не влеговме добро, не беше добра ниту одбрана.

Јас всушност морав да измислам тим и да барам играчи кои најдобро би можеле да одговорат. Морам да ги пофалам играчите затоа што се вративме, на крајот можевме да победиме. Секој даде се од себе, Циндриќ се повреди на крајот, но тој се обиде да помогне. Мора да научиме лекција, противникот никогаш не смее да се потцени. Генерално, не сум задоволен, ова е предупредување за нас, но извлековме барем бод“, рече Червар.