Kaде во Македонија можете да купите куќа за неколку илјади евра?

30.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Kaде во Македонија можете да купите куќа за неколку илјади евра?

Во Македонија во руралните средини на истокот може да се купат евтини куќи.

Станува збор за постари куќи кои се продаваат за неколку илјади евра.  Од скопските агенции за недвижности велат дека овие луѓе сами си ги продаваат имотите, без посредство на агенции, но објаснуваат дека во Малешевијата има евтини недвижнини. Нагласуваат дека во Скопје е скапо, но во внатрешноста има евтини имоти.

Ова го потврдуваат и жителите на беровските села. Велат дека за неколку илјади евра може да се купи стара куќа, но доколку некој планира постојано да живее таму, ќе мора да ја реновира.

„Јас купив куќа веднаш зад мојата за 6.500 евра. Не е мала, но е стара куќа и за неа е потребно реновирање. Нашето село е густо населено, нема голема миграција, така што нема многу куќи за продажба, но во Мачево и Робово има и поевтино и мислам дека за 5.000 евра  може да се купи куќа. Нашето село е лоцирано покрај патот Виница – Берово, имаме превоз, а од градот сме оддалечени 11 километри“, вели Ванчо Пармачки, претседател на месната заедница во селото Будинарци.

Димитар Стамболиски, претседател на месната заедница во селото Владимирово објаснува дека во ова големо село има до педесетина празни куќи. Многу од жителите заминале во Скопје или во странство. Смета дека за сума до 10.000 евра може да се купи куќа.

„Може да се најде евтина куќа. Сега во селото има 750 постојани жители, а претходно имало околу 2.000 луѓе. Ние не сме далеку од градот, се наоѓаме на 5-6 километри од Берово“, додава Стамболиски.

Но, за овие купување на овие куќи нема голем интерес, велат мештаните.

И во регионот има слични примери, за што пишуваа српските и хрватските медиуми.

Во соседна Србија, во Банат има куќи за 2.000 евра, а во Пирот околу 1.000 евра.

Во Хрватска близу Вировитице куќи се продаваа за 7.000 до 10.000 евра.

Сања Атанасовска/Faktor.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата