Металург ја почнува својата европска авантура. Еден од двата македонски претставници денеска (18:45 часот) му гостува на Тулуз во рамките на првото коло во Лига Европа.

Тимот од Автокоманда ја исполни целта, пласман во групната фаза, сега Зоран Кастратовиќ и неговите момци ќе се обидат да им пркосат на силните противници, но и да докажат дека инвестициите ова лето не се бадијала. Желбата е една – во најдобро светло да се бранат боите на клубот.

Во составот за денешниот меч стратегот на Металург на располагање ќе го нема Мартин Серафимов, кој на последното тестирање беше позитивен на Ковид-19. Но, останатите момци ќе бидат доволни да се надополни неговото отсуство.

Златко Хорват е ракометарот кој треба да ги повлече соиграчите, тој е во центарот на вниманието. Тука се Тарабокија, Потиќ, Рниќ, Канкраш, Поповиќ и секако искусниот голман, Даниел Дупјачанец, кој на последната средба беше еден од најзаслужните за пласманот во групната фаза.

Двата тима немаат одиграно ниту еден меч во минатото, фаворит е Тулуз, но Металург ќе се обиде да ја искористи секоја шанса за триумфален старт.