Француска двојка казнета за носење облека со поддршка на Жолтите елеци

26.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Француска двојка казнета за носење облека со поддршка на Жолтите елеци

Полицијата во Париз во сабота казнила француска двојка за носење облека што ја поддржува политиката за Референдум инициран од граѓаните (РИЦ), за кој се залага движењето Жолти елеци, пренесува „Ле фигаро“.

Двојката, Жером и Беатрис, добиле парична казна во близина на Триумфалната порта бидејќи едниот од нив носел џемпер на кој пишува „Да за РИЦ, реков да за референдум инициран од граѓаните”.

Полицијата ѝ рекла на двојката дека протестот е забранет во областа и дека пораката на облеката претставува повреда на забраната за протест. Потоа ги казнила со парична казна од по 135 евра, но тие не ја платиле казната.

„Ова е злоупотреба на моќта”, рече Жером и додаде: „Ние веќе немаме право да се изразиме слободно во Франција.”

Неговата партнерка Беатрис изјави: „Не планиравме да демонстрираме на Елисејските полиња, отидовме кон метрото , но тие не сакаа да слушнат. Дури им предложивме и да го тргнеме џемперот, но тие одбија. ”

Двојката вели дека ќе продолжи да одбива да ја плати казната и дека контактирале со адвокат за да го разгледаат случајот.

Политиката на РИЦ е еден од главните столбови на движењето Жолти елеци, кое одржува протести веќе 19-та недела. Според РИЦ, на јавноста ќе ѝ биде дозволено да носи закони без француското национално собрание како и да одржува референдуми за укинување на законите. Некои дури предлагаат користење на РИЦ за да ги отстранат непопуларните политичари од функцијата, па дури и да донесат амандмани на самиот француски устав.

Викендов првпат треба да бидат распоредени француски војници на протестот на Жолтите елеци и веројатно ќе им биде дозволено да го користат огненото оружје.

Една анкета спроведена во јануари покажа дека 80 отсто од Французите го поддржуваат предлогот на РИЦ, а повеќето поддржувачи доаѓаат од популистичката партија на Марин ле Пен и екстремно левата „Непокорлива Франција“ на Жан-Лук Меленшон.

Во анкетата објавена минатата недела, поддржувачи на Ле Пен и Меленшон беа најбројни во поддршката на идејата дека целосната револуција би можела да биде легитимен начин да се влијае на социјалните промени во Франција.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата