Англискиот шампион Ливерпул го комплетира трансферот на шпанскиот репрезентативец Тијаго Алкантара кој дојде од Баерн Минхен за сума од 30.000.000 евра. Поточно 22.500.000 веднаш плус 7.500.000 евра во форма на бонуси на основа на тимски и индивидуални изданија.

Тијаго реши да го напушти европскиот и германски првак за да го облече дресот на популарниот англиски клуб, а според договорот на „Енфилд“ ќе се задржи четири години.

Ова е само второ засилување за составот на Јирген Клоп кој веројатно заврши со трансферите, а кога ќе се погледне тимот ќе се забележи дека Германецот направи само неколку корекции. „Црвените“ сега имаат пеколна конкуренција во редот за врска.

Чувството е прекрасно. Овој момент го чекав долго и среќен сум што сум играч на Ливерпул. Како што поминуваат годините пробуваш да освоиш се што е можно, а Ливерпул е клубот кој одлично го опишува тоа што сум јас и сака да освојува се“, изјави Алкантара кој претходно беше цел на Манчестер Јунајтед, но на крајот одлучи на оди на „Енфилд“.