Венециската комисија даде позитивно мислење за Законот за Судскиот совет

15.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Венециската комисија даде позитивно мислење за Законот за Судскиот совет

Венециската комисија даде позитивно мислење за Законот за Судскиот совет на денешната пленарна сесија на која учествуваше министерката за правда, Рената Дескоска.

„Венециската комисија го образложи своето мислење за предложениот Закон за Судскиот совет, кој го смета за високо квалитетно законодавство, односно дека со законот е постигнато високо ниво на усогласување со други закони. Венециската комисија повторно имаше позитивна оценка за реформите во правосудството и усогласувањето на домашното законодавство со меѓународните стандарди“, соопшти Министерството за правда.

Од таму додаваат дека позитивно се оценети новите критериуми за избор на членови на Судскиот совет.

„Покрај другите позитивни измени на Законот за Судски совет, во извештајот се препорачува и психолошките тестови повеќе да не се користат при изборот на членовите на Судскиот совет со што се намалува можноста за политички влијанија при изборот на членовите на Советот. Околу изборот за претседател на Судски совет, Венециската комисија препорачува тој да се избира со двотретинско мнозинство од редот на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието“, појаснуваат од Министерството.

Ова е трето последователно мислење на Венециската комисија кое е позитивно оценето. Мислењето од октомври 2018 година, кое се однесуваше за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судови се фокусираше на основите за дисциплинска одговорност на судиите, дисциплинските постапки и органи, како и на системот за оценка на работата на судиите.

„Оценката на Венециката комисија беше севкупно позитивна. Мислењето ги пофали нацрт-законите и беше истакнато дека двата закони претставуваат цврсти темели за функционирање на судството и предложи некои амандмани со цел да се подобри јасноста на текстовите. Во декември 2018 година, Венецијанската комисија усвои уште едно позитивно мислење за нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Предлог-законот беше поздравен од Комисијата, поради исполнетоста на повеќето претходни препораки од мислењата од 2015 и октомври 2018 година“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата