Му ја скршиле главата на сопственик на скопски ресторан зошто не сакал да им пушти музика

14.03.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Му ја скршиле главата на сопственик на скопски ресторан зошто не сакал да им пушти музика

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против три лица под сомнение дека извршиле кривично дело насилство во угостутелски објект во Скопје.

Според информациите, осомничените како гости во угостителски објект лоциран во трговскиот центар „Беверли Хилс“, на 13 март годинава делувајќи како група, извршиле грубо насилство врз сопственикот на локалот, а кај присутните гости и вработени предизвикале чувство на загрозување, страв и несигурност.

Двајца од осомничените биле незадоволни од третманот и услугата и започнале вербална расправија со оштетениот, инсистирајќи во локалот да им биде пуштена одредена музика по нивна желба. Сопственикот одбил со образложение дека работното време на објектот е истечено и мора да го затвори. По ова, осомничените му се заканиле и започнале да кршат шишиња и чаши, а откако им било наложено да го напуштат објектот, физички го нападнале сопственикот, удирајќи го со тупаници во пределот на главата и телото.

Кон тепачката се приклучило и третото осомничено лице, кое дополнително влегло во објектот, па замавнувајќи со дрвена дршка од метла повеќепати го удрил сопственикот.

Од нанесените удари, сопственикот се здобил со тешки повреди – повеќе набиеници и една скршеница во пределот на главата, по што успеал да се оттргне и засолни во кујната на локалот.

По предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 на тројцата насилници им определил мерки на претпазливост.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата