Актуелниот европски првак полека влегува во ритам, стратегот Стевче Алушовски и неговите избраници први тргнаа со подготовките за новата сезона, во која ќе бидат единствениот македонски претставник во Лигата на шампионите.

Вардар 1961 ќе биде вистинска енигма за противниците, но и за љубителите на ракометот, кој едвај чекаат на дело да го видат новиот состав. „Костурот“ на тимот е променет, има многу нови имиња, што пак е една од добрите страни пред стартот на новата сезона.

Прв тест за „црвено-црните“ ќе биде струшкиот меѓународен турнир, на кој оваа година учество ќе земат само македонски екипи. Вардар 1961 во групната фаза ќе ги одмери силите со Охрид, Е.Пелистер 2 и Бутел Скопје.

Но, ова нема да биде единствената контрола. Пред реванш мечот со Нексе во рамките на 1/4 финалето во СЕХА-лигата за место на завршницата, европскиот владател ќе одигра уште две пријателски средби, најверојатно спаринг-партнери ќе бидат Металур и Е. Пелистер.

Овие натпревари, како и пласманот на Ф4 во Задар ќе бидат повеќе од доволно за да Вардар подготвен ја пречека новата сезона во Лигата на шампионите, во првото коло Алушовски и неговите момци се гости на Мешков Брест.