Интересен натпревар полн со голови одиграа Парма и Болоња на „Енио Тардини“ во Серија А. „Млекарите“ губеа со 0:2 уште во 16. минута (Данило и Соријано стрелци на головите), па во второто полувреме тргнаа на се или ништо. Ризикот им се исплатеше затоа што спасија бод и тоа благодарение на двата гола во судиското продолжение на мечот.

Прво Куртиќ во 90’+3’ погоди, а две минути подоцна Инглесе го изедначи резултатот.

Удинезе продолжи да раздава бодови. После победата во претходното коло, сега се сопна дома од Сампдорија. Ласања ги доведе „зебрите“ во водство, но тимот од Џенова преку Кваљарела, Бонацоли и Габијадини победи со 3:1. Илија Несторовски играше до 53. минута кај Удинезе и беше заменет со Окака.

Каљари и Лече одиграа без голови што е добро за Џенова која остана над црвената линија, а Фиорентина и Верона ремизираа 1:1.