Вчера и официјално на сезоната 2019/2020 во ПМФЛ е ставен клуч. Поради лошата ситуација во земјата со коронавирусот, ФФМ одлучи да го прекине првенството кое се планираше да се рестартира на 14 или 17 јуни.

Допрва ќе се знае кои наши екипи ќе ја претставуваат Македонија во фудбалска Европа, се знае дека нема да има искачање, се знае дека нови прволигаши се Беласица и Пелистер, а се знае дека ќе остане засекогаш запишано дека во моментот на прекинот Вардар беше прв со десет бодови предност. Но нема да му се даде титулата поради недоволен број на натпревари.

Исто така ќе биде запишано дека Вардар, во сезоната 2019/2020, го има и најдобриот стрелец во ПМФЛ, и тоа во името на Даниел Аврамовски, кој до моментот на прекинот беше прв на листата и тоа со 10 голови. Еден помалку во изминатите 23 кола постигнаа Арменд Алими од Шкендија и Никола Прелчец од Борец. Тоа значи дека Бесарт Ибраими, голгетерот на Шкендија, и оваа сезона, втора по ред, нема да биде прв стрелец.