Јапонската влада и организациониот комитет на Олимпијадата во Токио размислуваат за поедноставена верзија на Игрите следната година, поради глобалното ширење на коронавирусот. Ова го изјави денес градоначалникот на Токио, Јурико Коике.

„Би сакале да разгледаме различни опции, вклучително и рационализирање и поедноставување на форматот. Во исто време, треба да постигнеме разбирање со нашите граѓани“, рече Коике.

Претходно, најголемиот весник на земјата, Јомиури, објави дека властите во земјата сакаат Олимпијадата да биде во нормален формат, но континуираната тешка состојба со коронавирусот ги натера да размислуваат за поедноставни игри. Според информациите може да се намали бројот на учесници на свеченото отворање и затворање на Олимписките игри.

Јапонската страна размислува да спроведе задолжително тестирање за коронавирус не само за спортистите и членовите на тимовите, туку и за сите навивачи. Може да бидат воведени ограничувања за движење на спортистите надвор од Олимпиското село.