Затвор за еколошки активисти во Камбоџа поради кампања против инфраструктурни проекти

2.07.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Затвор за еколошки активисти во Камбоџа поради кампања против инфраструктурни проекти

Тројца активисти од групата Мајка природа Камбоџа (Mother Nature Cambodia) дополнително се осудени на уште две години затвор поради навреда на камбоџанскиот крал Нородом Сихамони, така што ќе поминат вкупно осум години зад решетки.

Само петмина од обвинетите присуствуваа на судењето, додека останатите се осудени во отсуство, меѓу кои и четворица државјани на Камбоџа за кои не се знае каде се наоѓаат, како и Алехандро Гонзалес-Дејвидсон, државјанин на Шпанија, кој е еден од основачите на групата и кој беше депортиран од Камбоџа во 2015 година со забрана за враќање.

Петтемина осудени кои присуствуваа на судењето беа уапсени пред судот по изрекувањето на пресудите. Тие со поддржувачите дојдоа пред судот облечени во традиционални бели облеки кои се носат на погреби, наведувајќи дека тоа претставува „смрт на правдата во Камбоџа“.

Фун Кеораксмеј, 22-годишна членка на групата, изјави дека е подготвена да оди во затвор.

„Никогаш не сакав да се вратам во затвор, бидејќи никогаш ништо не сум згрешила, но нема да избегам од одговорноста. Ова е патот што самата го избрав“, рече таа.

Камбоџанската невладина организација Ликадо соопшти дека пресудата е разочарувачка.

„Денеска судот одлучи дека младите активисти кои се борат за заштита на животната средина и демократските принципи работат против државата. Вџашувачки е што младите луѓе кои се залагаат за чиста вода во Пном Пен, заштита на шумите во Кох Конг и борба против приватизација на земјата во заштитените подрачја се претставени како уништувачи на државата“, наведоа тие.

Организацијата Мајка природа (Mother Nature) е основана во 2012 година како невладина организација, но Камбоџанскиот парламент им забрани работа во 2017 година.

Организацијата Хјуман рајтс воч пред еден месец ги обвини камбоџанските власти дека судат на активистите во монтирани процеси.

„Веќе повеќе од десет години, организацијата Мајка природа води кампања против деструктивни инфраструктурни проекти, критикува корупција поврзана со експлоатација на природните ресурси и ги поттикнува младите да се борат за зачувување на биодиверзитетот на својата држава“, наведоа тие.

Камбоџанската влада веќе подолго време е на мета на критики дека злоупотребува правосудниот систем за да ги замолчи критичарите на режимот и политичките противници.

Владата на Камбоџа ги негираше овие обвинувања, но политичките партии кои беа профилирани како непријатели на владејачката партија беа забранети со судски одлуки.

За време на мандатот на поранешниот премиер Хун Сен, кој беше на власт четири децении, владата беше критикувана дека ги крши човековите права и ја суспендира слободата на говор. Неговиот син Хун Манет го наследи на местото премиер минатата година. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата