На свечена церемонија во Кремљ, Путин даде заклетва за неговиот петти претседателски мандат

7.05.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
На свечена церемонија во Кремљ, Путин даде заклетва за неговиот петти претседателски мандат

Откако ја положи заклетвата, во краткиот говор пред руската елита ги упати традиционалните пораки за раст и развој на државата. Во екот на војната во Украина, истакна дека е отворен за дијалог со западните земји, но како што рече, под еднакви услови, повикувајќи ги да изберат меѓу политика на агресија или на соработка.  

-Ние не се откажуваме од дијалог со западните земји. Изборот е нивен, дали имаат намера да продолжат да се обидуваат да го ограничат развојот на Русија, да ја продолжат политиката на агресија, притисокот врз нашата земја што не престанува со години или да бараат пат кон соработка и мир,- - Владимир Путин – Претседател на Русија.

Ден пред церемонијата, портпаролот на ЕУ Петер Стано соопшти дека Унијата нема да има свои претставници на инаугурацијата. Ставот како што кажа тој бил донесен во согласност со одлуката на мнозинството земји –членки. Сепак, присуство на амбасадорски ниво најавија Словачка, Унгарија и Франција. Одлуката, францускиот претседател Макрон ја оправда со тоа што двете земји како што кажа, не биле во војна.

-Ние не сме во воена состојба ниту против Русија ниту против рускиот народ. И ние немаме начин преку кој да бараме промена на режимот во Москва,- - Емануел Макрон – Претседател на Франција.

Од американскиот Стејт Департмент пак, избегнаа отсуството директно да го наречат бојкот, но порачаа дека изборите на кои Путин извојува убедлива победа, не ги сметаат за фер и демократски.

-Не, нема да имаме претставник на неговата инаугурација. Дали САД бојкотираат? Нема да имаме претставник таму. Можете сами да извлечете заклучоци. Ние секако не ги сметавме тие избори за слободни и фер, но тој е претседател на Русија и ќе продолжи во тоа својство,- - Метју Милер- Портпарол на Стејт Департментот.

Путин кој речиси четврт век е на претседателската фунција, петтиот мандат го освои во март годинава кога на изборите кои светските организации и западните земји ги оценија како недемократски, освои 87% од гласовите. Шест годишниот мандат на 71 годишниот Путин завршува во 2030 година, кога повторно ќе може да бара реизбор, станувајќи најдолготраен лидер на Русија по Јосиф Сталин.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата