Инцидент на пробата на Евросонг: Палестински симболи за време на настапот на Израел

9.05.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Инцидент на пробата на Евросонг: Палестински симболи за време на настапот на Израел

Додека претставничката на Израел настапувала, двајца мажи држеле забранети пропалестински симболи - знаме и шамија популарно наречена „палестинка“.

Обезбедувањето веднаш им ги одзеде симболите и ги спроведе надвор од салата.

Организаторите на Евровизија претходно објавија дека „го задржуваат правото да ги отстранат сите палестински знамиња и пропалестински симболи за време на натпреварот“. Тоа значи дека е забрането внесување пропалестински симболи во салата, а надзорот се очекува да биде особено строг вечерва кога Израел ќе настапи во втората полуфинална вечер.

Мишел Роверели, менаџер за комуникации за натпреварот, додаде дека на посетителите им е дозволено само да носат и истакнат знамиња што ги претставуваат земјите што учествуваат на настанот, како и знамето на ЛГБТ со виножито.

„ЕБУ го задржува правото да ги отстрани сите други знамиња или симболи, облека, предмети и банери што се користат за веројатна цел за инструментализација на ТВ шоуто“, додаде таа.

Пропалестински и антиизраелски групи денеска организираа големи протести во Малме.

Шведската полиција проценува дека пропалестинскиот марш во центарот на Малме вклучувал до 8.000 луѓе кои носеа палестински знамиња и шамии, тапани, свирчиња, звучници и факели и извикуваа слогани како што се: „Ова е геноцид“, „Сите деца се еднакви“ и Шведска ве разбуди!"

Шведските медиуми јавуваат дека во протестите учествуваат граѓани од цела Шведска, како и од Данска, Франција и Португалија. Во протестната поворка има дури и семејства со мали деца и стари лица во колички и со патерици. Полицијата соопшти дека засега нема инциденти.

Некои медиуми јавуваат дека на протестот учествувала и познатата активистка за климата Грета Тунберг, која рече: „Прекрасно е да се види дека овде има толку многу луѓе кои се залагаат за Палестина“.

Потсетуваме, израелската евровизиска претставничка Еден Голан беше исвиркана од публиката на втората генерална проба, а на Твитер се проширија снимки од Малме Арената каде се одржува натпреварот. Таа, пак, вели дека се надева оти нејзиниот настап ќе помогне да се обединат луѓето. „Ова е многу важен момент за нас, особено оваа година“, изјави таа за Ројтерс во интервју оваа недела. „Се чувствувам почестена што имам можност да бидам гласот на мојата земја.“

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата