ЈП „Паркинзи на Општина Центар” изразува жалење за незадоволството кое денеска, преку штрајк, го манифестираа пазарџиите, сопственици на тезги на „Зелен Пазар“ во Општина Центар и апелира до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Аутомакедонија“ како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите.

„Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје е претпријатие формирано од Општина Центар со цел да го регулира и решава проблемот со паркирањето на територија на општината, при што приоритет за паркирање имаат жителите.

Затвореното паркиралиште „Аутомакедонија“ се наоѓа во непосредна близина на Зелен Пазар и со години наназад е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму. Во изминатиов период, ЈП ПОЦ воведе неколку мерки за решавање на овој проблем односно постави нов систем за препознавање на регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила и како последна мерка, ги зголеми цените за 1 час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови. Со поставувањето на ANPR камерите ЈП Паркинзи на Општина Центар има многу поголема контрола на злоупотребите кои се вршат на ова паркиралиште. Имено, пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа за тешки товарни возила за кои ЈП ПОЦ, согласно Одлуката на Општина Центар каде што е дозволено товарните возила да вршат дотур на роба до 07:00 часот, веќе им овозможи бесплатен дотур на роба од 05:00 до 07:00 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние кои ќе вршат ваков тип на злоупотреба.

Со воведувањето на овие мерки ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе стави крај на неправилностите кои се случуваа години наназад и ќе направи ред во паркирањето давајќи приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Аутомакедонија“ коишто заради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето.

ЈП Паркинзи на Општина Центар смета дека решението на проблемот треба да се бара во Скопски Пазар кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги, а не решението да се бара во злоупотреба на јавна површина со цел да се задоволат потребите на еден приватен бизнис“, велат од ПОЦ.

Најчитани вести