КОНЕЧНО: Улиците „Лазар Личеноски“ и „Востаничка“ од утре пуштени за сообраќај

18.10.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
КОНЕЧНО: Улиците „Лазар Личеноски“ и „Востаничка“ од утре пуштени за сообраќај

Заврши реконструкцијата на улицата „Лазар Личеноски“ кај скопското Кале, информираа денеска од Град Скопје. Улицата се реконструираше на потегот од СРЦ „Кале“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“, што претставува втора фаза од обновата на оваа сообраќајница. На оваа делница се изврши реконструкција на коловозот во должина од 1.300 метри, реконструкција и проширување на постојните тротоари, како и замена на оштетените рабници.

Од Градот информираат дека со нанесување на завршниот асфалтен слој на улицата „Востаничка“ во општината Кисела Вода, завршена е реконструкцијата и на оваа сообраќајница, на потегот од улицата „Црниче“ до улицата „Свети Наум Охридски“.

-Во изминатиот период на оваа делница долга 1.100 метри беа обновени коловозот и рабниците, а беа реконструирани и тротоарите со замена на бекатон-плочките, но беа и изработени и 76 нови приклучоци во водоводната мрежа за да се обезбеди континуирано и квалитетно водоснабдување. Улицата „Востаничка“ е продолжение на улиците „Бихаќка“ и „Црниче“ кои беа предмет на реконструкција минатата година, соопштија градските власти.

Оттаму посочуваат дека во текот на денешниот ден ќе биде завршена реконструкцијата на коловозот на улица „Никола Карев“ кај нова железничка станица и тоа на потегот од крстосница со булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ до крстосница со булеварот „3-та Македонска Бригада“, со што целосно ќе бидат завршени три скопски сообраќајници.

-Долж улицата освен реконструкцијата на асфалтот од коловозот во должина од 510 метри, реконструирани се и тротоарите, направена е нивелација на сливниците и атмосферските шахти, како и замена на оштетените рабници. Со пробивањето на улицата „Есенинова“, реконструкцијата на оваа сообраќајница, па преку улицата „Беласица“, Град Скопје прави поврзување на три општини Кисела Вода, Центар и Гази Баба, а патувањето на возилата од булеварот „Борис Трајковски“ до клучката Континентал се очекува да биде скратено за повеќе од 10 минути, се наведува во соопштението на градските власти. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата