Во неколку скопски населби поставени посебни контејнери за органски отпад за време на празникот Курбан Бајрам

30.07.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во неколку скопски населби поставени посебни контејнери за органски отпад за време на празникот Курбан Бајрам

Директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани, денеска на прес-конференција ги информираше граѓаните дека и годинава во сите скопски општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, во периодот од 30 јули до 1 август ќе бидат поставени посебни контејнери со зафатнина од 5 кубни метри во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад.

„Во овој период кога сите заедно се бориме со пандемијата на коронавирусот, неконтролираното одлагање органски отпад може да доведе до низа штетни последици врз нашата животна околина и здравјето на граѓаните. Годинава ќе поставиме 17 вакви садови на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај, за нашите екипи да бидат во можност навремено да го подигнат и да го транспортираат овој вид отпад и на тој начин да се избегне евентуалното ширење на заразни заболувања и непријатната миризба“, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена.

На прес-конференцијата присуствуваше и скопскиот муфтија Кенан Исмаили, којшто упати апел до сите муслимански верници да не го исфрлаат својот органски отпад на јавни површини и на тој начин да придонесат за заштитата на своето и здравјето на своите најблиски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата