Трамп им воведе санкции на превозниците на иранска нафта

7.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп им воведе санкции на превозниците на иранска нафта

Американското Министерство за финансии објави дека вовело санкции за мрежа на компании и поединци кои транспортираат иранска нафта во Кина, по најавата на претседателот Доналд Трамп дека има намера да користи строги политики за да го отвори патот за договор со Техеран за неговата нуклеарна програма.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот потпиша меморандум со кој ја врати цврстата политика кон Иран од неговиот прв мандат. При потпишувањето на документот, тој рече дека е многу одлучен, додавајќи дека е подготвен да постигне договор со Техеран.

„Што се однесува до мене, работите се многу едноставни: Иран не може да има нуклеарно оружје“, рече американскиот претседател. На прашањето колку Техеран е блиску до развој на оружје, тој одговори: „Премногу блиску“.

Иран постојано нагласува дека не сака да развива нуклеарно оружје. Иранската мисија во Обединетите нации не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар во вторникот за изјавите на американскиот претседател.

Вчера американското Министерство за финансии објави дека вовело санкции против „меѓународната мрежа која овозможува испорака на милиони барели иранска нафта, вредна милиони долари, до Народна Република Кина“.

Нафтата била испорачана, според соопштението, во име на Штабот на иранските вооружени сили и нејзината „фронт компанија“ Сепехр енерџи, која САД ја додадоа на листата на санкционирани компании кон крајот на 2023 година, за време на мандатот на поранешниот американски претседател Џо Бајден.

„Фокусот на иранскиот режим останува на користењето на приходите од нафтата за финансирање на својата нуклеарна програма, производство на смртоносни балистички ракети и беспилотни летала и поддршка на сојузничките терористички групи во регионот“, напиша во изјавата министерот за финансии Скот Бесент, особено споменувајќи ги палестинскиот Хамас, либанскиот Хезболах и јеменскиот Ансаралах.

Новите санкции се насочени кон поединци и компании во неколку земји, вклучувајќи ги Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и танкерите CH Billion и Star Forest, кои пловат под знамињата на Панама и Хонг Конг.

Санкционираните танкери ја натовариле иранската сурова нафта од складиштето во Кина како дел од програмата во која учествува и во име на иранската војска.

Иранската мисија во ОН во Њујорк не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за потегот на Вашингтон.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги повика оваа недела членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да се обединат во отпорот на можните американски санкции.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата