Белгиското ЈО започна истрага за тендерот за изградба на нова метро линија во Брисел

28.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белгиското ЈО започна истрага за тендерот за изградба на нова метро линија во Брисел

Обвинителство информира дека решило да ја започне истрага за случајот врз основа на Извештајот на белгискиот Ревизорски суд, во кој се тврди дека целиот процес на избор на изведувачи на градежните работи за изградба на метро линијата бил „лошо менаџиран, со судир на интереси и недостиг на транспарентност“. 

Според ревизорите, неколку градежни компании имале „повластен третман“ во текот на јавниот тендер, при што инвеститорот „Белирис“ и бриселското јавно транспортно претпријатие СТИБ/МВИБ во целата постапка манифестирале недостиг на транспарентност и некохерентност при носењето одлуки и го прекршиле Законот за јавни набавки.  

Врз основа на ваквиот ревизорски извештај, Регионалниот парламент во Брисел вчера донесе одлука да формира специјален Комитет чија задача ќе биде да го истражи случајот. 

Јавното обвинителство во рамки на својата истрага ја задолжи Централната канцеларија за борба против корупцијата (ОЦРЦ/ЦДБЦ) да ги провери неправилностите идентификувани од Судот на ревизори.  

- Истрагата ќе утврди дали при процесот на јавни набавки се извршени кривични дела. Во интерес на тековната истрага, Канцеларијата на јавниот обвинител нема да дава дополнителни информации, се додава во соопштението на Обвинителството. 

Планирано е метро линијата 3 да ги поврзува северниот и јужниот дел на Брисел, со што би била петта метро линија во градот. Од почетната планира сума за изградба на метро линијата од една милијарда евра, сега, според најновите проценки, се очекува дека реализацијата на целиот проект би можела да достигне и до 4,8 милијарди евра. 

Обезбедувањето на овие средства би претставувало сериозен предизвик за Регионот Брисел, па и во ревизорскиот Извештај се оценува дека не е јасно како регионалните власти ќе го финансираат завршувањето на целиот проект.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата