Русија е подготвена за дијалог на високо ниво со САД и за одржување мировен самит во Будимпешта по соодветни подготовки, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, по разговорите во Минск со неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Сијарто и Лавров разговарале за прашањата за регионалната безбедност и снабдувањето со енергенти, се наведува во соопштението на унгарското Министерство за надворешни работи.
- Министерот Сијарто ја поздрави добрата вест дека и Русите се подготвени да одржат и да го продолжат дијалогот на високо ниво со Америка, соопшти МНР на Унгарија и ги пренесе зборовите на Сијарто дека „додека постои дијалог на високо ниво меѓу Америка и Русија, постои и надеж за мир“.
Според руското МНР, на средбата одржана на маргините на Третата меѓународна конференција за евроазиска безбедност во Минск се разговарало за широк спектар на практични прашања од билатералната интеракција, вклучително и енергетскиот сектор.
Продолжена е размената на мислења за актуелните меѓународни прашања. Во дискусијата за украинското прашање, беше нагласена важноста од почитување на правата на малцинствата, вклучувајќи ги јазичните и верските права, кои систематски ги крши режимот во Киев, соопшти МНР на Русија на Фејсбук.
Унгарските партнери ја потврдија својата подготвеност да обезбедат платформа за руско-американски контакти, се додава во текстот.

