Земјите кои имаат широко распространета програма за вакцинирање со БСЖ имаат стапка на смртност од коронавирус речиси шест пати пониска од нациите коишто не ја користат, открива една студија. Вакцината е измислена пред еден век и дава имунитет на туберкулоза – бактериска инфекција – но се знае дека има и други придобивки.

Претходните испитувања открија дека луѓето кои ја примиле вакцината имаат подобрен имунолошки систем и се способни да се заштитат од инфекција. Ефектите од вакцинирањето вклучуваат засилена заштита од респираторни заболувања и се препознаени од Светската здравствена организација (СЗО). Во Велика Британија сите ученици од десет до 14 години биле вакцинирани помеѓу 1953 и 2005 година.

Истражувачите се надеваат дека вакцината ќе го засили имунолошкиот систем така што ќе биде во засилена состојба на подготвеност и ќе може да го открие и уништи вирусот пред тој да направи хаос на телото.

Истражувачи од Њујоршкиот институт за технологија (NYIT) спровеле истражување во кое ги споредуваат бројките на заболени и починати од Ковид-19 во различни земји низ светот, во зависност од тоа дали во тие земји населението било третирано со БСЖ-вакцина против туберкулоза.

„Откривме дека земјите без општа политика за БСЖ-вакцината (Италија, Холандија, САД) се посериозно погодени во споредба со земјите со општа и долгогодишна политика на БСЖ-вакцинирање“, се вели во студијата спроведена од истражувачите од Њујоршкиот институт.

Во студијата се вели дека има значајна корелација помеѓу годината на воспоставувањето на универзалната БСЖ-вакцинација и стапката на морталитет од Ковид 19. Односно, колку порано била применета вакцината, толку повеќе е заштитен поголемиот дел од возрасната популација кој ја примил вакцината. Доколку и клиничките истражувања го потврдат ова, БСЖ-вакцината може да биде потенцијално оружје во борбата против коронавирусот.

Илјадници австралиски здравствени работници ќе почнат со тестирање за да видат дали вакцината за туберкулоза стара еден век може да се бори против новиот коронавирус, велат истражувачи, приклучувајќи се кон глобалните тестирања што се спроведуваат во неколку земји.

Вакцината БСЖ им се дава на повеќе од милион деца годишно во земји со туберкулоза, но истражувачите велат дека може да се бори и против новиот коронавирус поради нејзината можност широко да го зајакне имунитетот. Вакцините му помагаат на телото да се бори против вирусите и болестите преку градење имунитет, но не лекуваат болести.

Околу 4.000 вработени во австралиските болници ќе учествуваат во испитувањето на вакцината што ќе почне деновиве, а резултатите се очекуваат за околу шест месеци, соопшти Институтот за истражување на деца „Мардок“ (МЦРИ) во Мелбурн. Половина од учесниците ќе ја примат вакцината, која има малку несакани ефекти, додека другата половина ќе земе плацебо, а двете групи ќе овозможат нивното здравје да се следи преку софтверска апликација прикачена на нивниот паметен телефон, велат од Институтот.

Епидемиологот од Институтот за јавно здравје, д-р Владимир Микиќ неодамна изјави дека има индиции дека населението кое примило БСЖ-вакцина, која се дава против туберкулоза, е поотпорно на коронавирусот.

„Точно е дека постојат некои претпоставки за тоа дека лицата кои ја примиле БСЖ-вакцината, како што е случај со регионот на Балканот, и во Македонија сè уште се дава една доза, се поотпорни на Ковид-19. Претпоставката е дека како имуномодулатор оваа вакцина можеби делува на зголемување на отпорноста кон Ковид-19. Ќе потенцирам дека се работи за многу рана фаза од овие испитувања за да можеме да донесеме каков било конкретен заклучок или да ја препорачаме како мерка за масовна употреба. Постојат индиции дека тоа е можеби така, како што се впрочем и третманите кои се користат, но сè уште е далеку од фаза да биде дефинитивен доказ. Секако, ние како стручна јавност, епидемиолозите и клиничарите ги следиме сите научни трудови и препораките на референтните институции. Верувајте сè што е и малку меродавно, ќе биде преземено и кај нас“, одговори Микиќ на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

извор: Makfax

Најчитани вести