Вардар со осум бодови предност влегува во пролетниот дел во кој ќе се обиде по две години да го врати шампионскиот трофеј. Утре Вардарци во дуел со Македонија ЃП на домашен терен го почнува походот кон титулата. Своите очекувања ги истакна капитенот и голман на оваа екипа Филип Гачевски.

„Сите играчи останавме во Вардар и сите имаме цел да дојдеме до титулата. Да се врати тој пехар во Скопје. Сите сме свесни што значи да се врати таа титула назад каде што заслужува, кај Вардар, најголемиот бренд во Македонија. Тоа го заслужува и градот и навивачите. Знаеме дека имаме осум бодови предност, но свесни сме дека до крајот има уште многу натпревари. Искрено ќе кажам мислам дека ќе биде борба до крајот на првенството, и се надевам и силно посакувам да се избориме за шампионскиот трофеј. Сите фудбалери и стручен штаб се мотивирани, со нетрпение го чекаме првенството. Свесни сме дека ако освоиме титула, повторно ќе играме во Лига на шампиони против силни клубови, а со тоа ќе играме и пред полн стадион“, вели Гачевски.

НА ПОБЕДА НА СЕКОЈ НАТПРЕВАР

Вардар ја стартува сезоната со Македонија ЃП на домашен терен…

„Секој ривал за Вардар е незгоден, сите сакаат да играат против Вардар, но ние на секој меч одиме на победа, на бодови без разлика на противникот. Тоа е нашата цел, и ќе дадеме се од себе на секој меч да успееме“, рече Гачевски.