Заев на конференцијата „Жени во индустрија“: Кога жените губат, сите губиме

9.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Заев на конференцијата „Жени во индустрија“: Кога жените губат, сите губиме

Економски силни девојки и жени полесно ќе го остваруваат нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работни места и да бидат на раководни позиции, изјави премиерот Зоран Заев, кој денеска се обрати на отворањето на дводневната меѓународна конференција „Жени во индустрија: Лидерите ја унапредуваат родовата еднаквост”, организирана од страна на Инженерска институција на Македонија и ЕВН Македонија.

„Сите ние треба да го дадеме најдоброто од нас и нашиот придонес за остварување на полната, безусловна еднаквост на жените и девојките. Зашто никој не смее да биде запоставен – вели клучниот повик на Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Ниту една земја не може да си дозволи да остави половина од својата популација зад себе. Тоа не смее да биде прифатливо за никого. Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените. Нема да запреме со спроведувањето на политиките за родова еднаквост додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции“, рече Заев.

Тој додаде дека намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски развој. Еднаквост на пазарот на трудот, додаде премиерот, може да ги поттикне мотивираноста, охрабрувањето и вклучувањето на жените и ќе придонесе значајно за долгорочниот раст на економијата.

„Кога жените губат, сите губиме. Економски силни девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата, со остварување на нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работни места и на нивното право да бидат на раководни позиции. Девојките и жените мора да го добијат правото на гласност, на избор и на еднакво учество во сите сегменти на општеството и во севкупниот негов развој. Република Северна Македонија е должна да го обезбеди тоа. Со континуирани политики за родова еднаквост и со спроведување на обврските од меѓународно прифатените конвенции и декларации“, рече Заев.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата