Дали дел од 36.500 ЕВРА МЕСЕЧНИ ПЛАТИ за специјалисти за автопатите ЌЕ ЗАВРШАТ ВО ПРИВАТНИ ЏЕПОВИ?

26.05.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дали дел од 36.500 ЕВРА МЕСЕЧНИ ПЛАТИ за специјалисти за автопатите ЌЕ ЗАВРШАТ ВО ПРИВАТНИ ЏЕПОВИ?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски денеска беше на увид на градежни активности во скопска Кисела Вода, каде што, меѓу другото, беше запрашан за коментар за случајот, кој што воедно го објави партијата, каде што власта за коридорите ќе ангажира дополнително уште пет специјалисти за автопатишта за месечна плата во висина од 36.500 евра.

Мицкоски го објасни случајот, земајќи се себеси за пример, кој како редовен универзитетски професор ги едуцира идните генерации за месечни примања од околу 900 евра, плата со која во секој случај е задоволен, а овие специјалисти за автопатишта ќе добиваат за 40 пати повисока плата.

Мицкоски додаде дека, пропорционално на плата, истите специјалисти се очекува да бидат за најмалку 40 пати поквалитетни од просекот во Македонија, или пак, прашува, дел од тие пари ќе завршат во приватни џебови.

„Ќе ви дадам преку еден пример, еве јас сум редовен универзитетски професор со повеќе од 20 години стаж, што во приватниот сектор, што на универзитетот и мојата месечна плата со која што сум задоволен е 55 илјади денари. Или тоа кога би се претворило во против вредност на евра е е околу 900 евра. Е сега тој специјалист кој што ќе зема 36.500 евра отприлика, ако мојата плата месечна е 900 евра а неговата 36.500 евра, тоа значи дека тоа е некаде околу 40 пати поквалитетен од мене, од прилика така му доаѓа, 40 пати нели, пропорционално ако гледаме. А јас себеси се сметам, барем ако ништо друго, барем за просечно квалитетен професор. Е, сега овој 40 пати треба да е поквалитетен од просекот или дел од тие пари ќе завршуваат во некои приватни џебови и тоа помножете го со минимум пет пати, бидејќи пет им требаат такви специјалисти“, рече Мицкоски.

Затоа, додава Мицкоски, кога станува збор за епски проект, треба да кажеме дека станува збор за епски криминал, при што изрази убедување дека владата не само што не е способна да го заврши проектот за коридорите, туку и дека авансите што се префрлаат, се обид предизборно да завршат во приватни џебови со кои би се вршел поткуп на претстојните и претседателски, и парламентарни избори.

„Јас сум убеден, не само што оваа влада нема капацитет да го заврши овој проект, туку сум убеден дека дел од авансите кои што сега пред избори, на трчање се префрлаат, се обид да завршат во приватни џебови, а потоа од таму да се влијае со поткуп врз гласачите за време на изборите кои што следат, и претседателски и парламентарни. И повторно прават грешка, го потценуваат народот. Народот, и покрај тоа што ќе се обидат со насилство, со поткупи, со притисоци ќе излезе и така силно ќе ги порази заедно со ВМРО-ДПМНЕ, што потоа ќе мора пред истиот тој народ да поднесат сметка и да одговараат за сиот криминал што го прават изминатите шест години“, истакна Мицкоски.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата