Кризата во Франција се заканува да ја потресе Еврозоната

10.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кризата во Франција се заканува да ја потресе Еврозоната

Дојче Веле

Франција, со својот рекорден долг и растечки дефицит, станува најголем ризик за стабилноста на Еврозоната. Експертите предупредуваат дека кризата во Париз би можела да се прелее во целата ЕУ и да го доведе во прашање опстанокот на еврото.

Непосредно пред Франсоа Бајру да го изгуби гласањето за доверба во парламентот во понеделник (8 септември), премиерот во заминување предупреди дека фискалните проблеми би можеле да го загрозат „опстанокот“ на Франција.

„Имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста“, им рече Бајру на пратениците, додавајќи дека сегашната реалност на втората по големина економија во Европа е дека „веќе неподносливиот долг ќе се зголеми уште повеќе и ќе стане сè поскап“.

Долгогодишната политичка дилема на француските влади е дека, секогаш кога предлагаат мерки за штедење или економски реформи, партиите и од левицата и од десницата веднаш се креваат против тоа и ги мобилизираат своите поддржувачи. Синдикатите веќе закажаа генерален штрајк за денеска, 10 септември, два дена по гласањето за доверба.

Најзадолжената земја во Европа

Економски гледано, сè се сведува на парите и огромниот товар на францускиот долг. Во апсолутни бројки, ниедна земја од ЕУ не е позадолжена од Франција. Националниот долг се зголеми на околу 3,35 трилиони евра - околу 113 проценти од бруто домашниот производ (БДП), и се очекува да порасне на 125 проценти до 2030 година.

Односот на францускиот долг кон БДП е толку висок што во Европската Унија го надминуваат само Грција и Италија. Со буџетски дефицит од 5,4 до 5,8 проценти оваа година, Париз има и најголем буџетски дефицит од сите 27 членки на Европската Унија.

За да се исполни целта на ЕУ за намалување на дефицитот на три проценти, драстичните мерки за штедење се неизбежни. Меѓутоа, бидејќи намалувањата во моментов се политички неизводливи, финансиските пазари реагираа со зголемување на каматните стапки на француските обврзници. Додека каматната стапка на германските обврзници е околу 2,7 проценти, француската влада мора да плаќа камата од речиси 3,5 проценти за својот долг.

Нестабилна еврозона

Значи, дали треба да се грижиме за стабилноста на еврото, ако финансиите на втората најголема економија во еврозоната излезат од контрола?

„Да, треба да се грижиме. Еврозоната во моментов не е стабилна“, вели Фридрих Хајнеман, економист во Центарот Лајбниц за европски економски истражувања во Манхајм, иако додава дека „не е загрижен“ за можна краткорочна долговна криза во наредните месеци.

„Но, мора да се запрашаме каде води сето тоа, ако голема земја како Франција, која во последните години бележи постојан пораст на односот долг-БДП, сега се соочува и со политичка дестабилизација“, изјави тој за ДВ.

Другите големи економии исто така натрупуваат рекордно високи долгови и треба да соберат милијарди на пазарите на капитал. На пример, оваа есен, Германија, Јапонија и САД ќе мора да издадат нови државни обврзници за да ги финансираат своите трошоци - една од клучните причини зошто глобалните пазари на обврзници остануваат под притисок.

Единствената причина зошто пазарите не се понервозни - односно зошто каматните стапки на француските обврзници не растат повеќе - е надежта дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе интервенира и ќе купи француски обврзници за да го смири пазарот, наведува Хајнеман. „Но, таа надеж може да биде илузорна, бидејќи ЕЦБ мора да внимава да не го загрози сопствениот кредибилитет“.

Франција троши 67 милијарди евра годишно само за камати. Во исто време, таа е под притисок затоа што се обврза постепено да го намалува дефицитот во согласност со правилата на ЕУ.

Улогата на Европската комисија во создавањето хаос

Но, дел од одговорноста, според Хајнеман, лежи кај Европската комисија, бидејќи таа „помогна да се создаде овој хаос“.

„Тие замижуваа на едното, дури и на двете очи кога стануваше збор за Франција. Ова беа политички компромиси водени од стравот од зајакнување на популистите“, рече тој, додавајќи дека „Франција веќе го искористи поголемиот дел од својот фискален простор. Германија е во многу подобра позиција, со доволно простор за маневрирање“.

Според Хајнеман, Франција, како и Германија, итно има потреба од големи реформи на социјалниот систем и намалување на владините трошоци. Алтернативата би била повисоки даноци - во земја која веќе има огромен даночен товар и врз граѓаните и врз економијата.

Затоа Хајнеман е скептичен дека француската политика може да постигне консензус меѓу партиите за намалување на долгот. „Со оглед на тоа што популистите од левицата и десницата стануваат посилни, не го гледам тоа можно. Центарот се стеснува. Затоа сум песимист кога станува збор за Франција и не гледам решение.“

Ризикот од ширење на кризата

За Ендру Канингем, главен европски економист во „Капитал економикс“, ризиците за другите европски пазари засега остануваат подносливи.

„Засега, проблемите се чини дека се во голема мера ограничени на Франција, сè додека обемот на францускиот проблем не стане преголем“, напиша тој во белешка до клиентите.

Но, тој предупредува на сценарија во кои француската криза би можела значително да се продлабочи, зголемувајќи го ризикот од нејзино ширење.

„На крајот на краиштата, Франција е втора најголема економија во Еврозоната, со длабоки трговски и финансиски врски со своите соседи, а исто така е и водечка политичка сила во ЕУ“, потсетува Канингем, додавајќи дека кризата во Франција би можела да ја доведе во прашање самата одржливост на европскиот проект.

„Не очекуваме криза од таков обем во следната година или две. Но, ако се случи, ризикот од зараза би станал многу посериозен - и тоа би било нешто со кое ЕЦБ би морала да се справи“, рече тој.

Лош тајминг за политичка криза

Француската криза доаѓа во време кога ЕУ е во конфликт со САД околу трговската политика, вклучително и повисоките даноци за американските технолошки гиганти - предложени од Франција.

Ова е многу неповолно време за ЕУ ​​да дејствува ослабена од политичкиот ќорсокак во својата втора најголема економија.

Според Хајнеман, многу политички актери во Франција размислуваат слично на Трамп, особено лево и десно од политичкиот спектар.

„Тие би можеле да го зголемат притисокот врз Европската комисија да возврати на тарифите на Трамп со европски тарифи“, предупредува економистот, што би „го зголемило ризикот од вистинска трговска војна“ и дополнително би ја влошило должничката криза во земјата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата