Граѓаните живеат сè посиромашно и потешко, а главните виновници СДС и ДУИ тоа воопшто не ги интересира. Во Македонија со оваа власт повеќе нема перспектива и нема иднина, ниту за младите, ниту за повозрасните, рече на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи зошто е тоа така.
-На денешната пленарна седница, Владата предводена од СДС и ДУИ предлага измени на Законот за додадена вредност со што веднаш по неговото стапување во сила над 4000 прехранбени производи ќе поскапат за минимум 5% или 13%. Токму поради оваа таканаречена даночна реформа на власта, инфлацијата во Македонија уште повеќе ќе расте, а квалитетот на животот на граѓаните ќе биде уште полош. За апсурдот да биде уште поголем, оваа Влада веќе извесен период ја крие и избегнува да ја објави листата на производи кои што ќе бидат опфатени со оваа даночна реформа. За потсетување, таканаречената „транспарентна“ Влада предводена од СДС и ДУИ уште во декември минатата година објави дека ја подготвува оваа листа на производи, но таа никогаш не го виде светлото на денот. Повторно, во јули оваа година Ковачевски го каже истото. И повторно излажа. Дури и денес кога мнозинството треба да ги гласа овие измени, листата се’уште ја нема. Значи пратениците од мнозинството ќе гласаат за зголемување на даноци, без притоа да ја видат листата на производи, вели Стојаноски.