МАЏИР МААЛО, себе се сметаа за најскопјани и не се дружеа со “сељаци“

4.12.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МАЏИР МААЛО, себе се сметаа за најскопјани и не се дружеа со “сељаци“

Само на неколку метри од строгиот центар, помеѓу Железничката станица и мостот Гоце Делчев се наоѓа една од најстарите скопски населби, познатото Маџир Маало. Поплочена со калдрма каква што била децении наназад улицата “Ѓуро Ѓоновиќ” ја сече населбата, а ниските, повеќето трошни куќички од двете нејзини страни ве враќаат 20-ина години во времето кога животот бил многу побавен, но и многу поубав.

Маџир Маало во ништо не личи на новото лице на Скопје и се одвојува од сите останати скопски населби, а до пред некоја година беше и заштитена амбиентална зона.

Како што самите ќе кажат за себе, маџирмаалци се посебни луѓе, романтичари и горди на своето детство и потекло од маало богато со историја. Велат дека секој од нив знае се за соседите од целата населба три колена наназад. Кажуваат дека меѓусебе можат да се разберат само со поглед кога е некој “надворешен” во прашање, а кога влегуваат во населбата како да влегуваат во својот двор.

Маџирмаалски знаат да памтат и да потсетуваат на себе – со турнирво мал фудбал и фанта, традиционални игри кои се играат од самиот почеток на средбите. Првата се одржала 1984 година, а идејата настанала по скопскиот земјотресот 1963 година кога многу луѓе останале без домови и морале да се иселат од маалото, па намерата била тие повторно да се соберат на едно место.

– Првата средба била во ресторанот “Букет” на иницијатива на Младен Туниќ, кој се смета за татко на Маџирмаалските средби. Од таа средба се до денес, секој последен петок од февруари ги организираме овие собири. Организацијата на средбите се префрла од генерација на генерација и затоа овие дружби издржале повеќе од 30 години, за две години ќе се белжат четири децении од Маџирмалските средби и турнири но, во Маџирмаало кое сега е место на згради, бетон и без романтиката.

Архитектот Иван Стјковски имал идеја да се задржи стариот амбиент, да се реконструира и приближи на туристите старото Маџир маало, со сите свои карактеристики.

Тој е горд што успеале во Предлог-планот за Маџир Маало 2 да ги задржат старите улици. Предлага улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ која минува низ средината на Маџир Маало да си го врати стариот сјај со дуќани и локали.

– Порано од двете страни на улицата имаше 120 дуќани – од кондураџии, млекари, шнајдери, гранапи, точкари. Имаше берберница, две-три фурни и две слаткарници, „Пилот“ и „Градец“. Фурните беа на дрва и ред се чекаше да се купи леб. Фурните еднаш се палеа и еднаш се печеше леб, ако не се снабдиш навреме, ќе мораш да одиш на друго место да си купиш. По улицата се продаваше боза и матеница, одеше човек со канта и на цел глас викаше „тазе бозааа“. Гранапите беа полни со производи и од таму се снабдуваа маџирмаалци, но и си муабетеа и на лице место се дознаваше кој ќе прави свадба, кој починал, се кажуваа мајтапи. Сепак, точкарите ни беа најомилени. Во тоа време да имаш точак беше вистинско богатство. За 5 динари ни дозволуваа со точак да свртиме по еден круг низ маалото. Автомобили немаше, оној кој имал се сметаше дека вози авион – раскажува чичко Ване.

На Фанта се фрлаат пет парички, фрли три петки и добиваш

Фанта е стара комарска игра на среќа позната за ова маало која во име на традицијата се игра до ден-денес, сега веќе повремено, но редовно на Маџирмаалските средби.

– Фанта се игра со пет парички, на времето се играше со големите монети 100-денарки. Се прават групи од по четворица играчи и на почетокот сите фрлаат по една паричка, кој ќе фрли најблиску до нацртаната линија тој ја започнува играта. Ги зема петте парички и се обложува со останатите тројца на 50, 100 или повеќе денари дека повеќе од половината парички (најмалку три) ќе се свртат на лице односно на петка.

Доколку повеќето паднат на лице, тој добива, а доколку повеќето паднат на опачина – губи. Тој што врти ако вложува 150 денари, останатите тројца вложуваат по 50. Кој има повеќе среќа добива и така играчите се вртат во круг еден по еден, објаснува Зоран Т. од Маџирмаало .

Како што раскажуваат старите маџирмаалци, на Фанта се губело и се добивало, но имало и луѓе кои од играта правеле такво шоу што другите им давале пари само за да играат и да ги забавуваат, без разлика дали ќе ги изгубат.

Маџирмаалецот Гога годинава е победникот во “фанта” во рамки на Маџирмалските средби кои годинава се одржуваа по 38-ми пат

Крадени коњи се јавале на кејот како во вестерн филм
За бељите и младешките лудории кои ги правеле во минатото, раскажуваат маџирмаалските сениори. Велат дека една од работите по која биле познати е дека биле вешти јавачи, поради тоа што редовно им ги краделе и јавале коњите на тукашните џамбази.

– Ретко кој знае дека Маџирмаалци биле најдобрите јавачи на коњи во градот. Тука имало џамбази, луѓе кои купувале коњи и ги препродавале, а ги чувале покрај кејот на Вардар и таму ги хранеле, одржувале за да бидат во подобра состојба и поскапо да се продадат.

Но оттаму младите момчиња од населбата им ги крадеа и ги јаваа по кејот, па затоа беа одлични јавачи. Кејот на Вардар порано не беше бетониран или поплочен каков што е сега, туку беше целиот со земја, па таа слика личеше на вестерн филм. Во тоа сценарио Маџирмаалци беа Индијанци, бидејќи коњите ги јаваа без седло. Кога ќе дојдеа сопствениците на коњите ги бркаа, се лутеа и се караа, бидејќи коњите беа истрошени и исцрпени од лудото јавање, раскажува Божо Стефановски, постар жител на населбата.

Од Железничкиот мост рипај во Вардар сите да те видат
Сите скопјани слушале од своите предци како по целиот кеј на Вардар имало градски плажи, а реката била чиста за бањање и разладување во лето.

Маџирмаалци велат дека порано ја имале една од најубавите плажи на Вардар која била под Железничкиот мост, кај сегашниот сообраќаен мост кој води кон некогашниот Скопскиот саем, а сега бетонското страшило Ист Гејт. Се сеќаваат дека водата во Вардар била толку чиста што од реката се пиело, како на неа целото семејство перело черги и како ги броеле вагоните на возовите кои минувале на мостот додека се сончале.

– Најубавата плажа во Скопје беше на кејот зад Маџирмаало. Таа беше урбана плажа, под Железничкиот мост на истото место каде што сега минува Скопската железничка пруга. Од тој мост сите маџирмаалци рипаа во реката за да ги покажат скокачките вештини. На плажата секој ден вриеше од луѓе. Една од забавите беше броењето вагони кои минуваа на мостот.

Тука сме се бањале од повеќе населби, Маџирмаало, Пролеќе, Кисела Вода, Крњево и имаше убаво дружење. Во околината на Маџир Маало порано беа Ново Маало, сега просторот зад Веро центарот, Пазар Маало кај сегашен Зелен пазар, Циган Маало, Дебар Маало, Карадак Маало и други кои доаѓаа на плажата. Таа беше отворена до 4-5 часот денски, а потоа се редуцираше народот и започнуваа попладневните и вечерните седенки кои траеја до ноќта.

На плажата сме переле черги, теписи и тоа беше целодневно фамилијарно престојување каде мајките го носеа и ручекот за тој ден, се навраќа чичко Божо на младешките денови.

Од игранка во “Домче” на свирка на “Бис Бес”, до нова љубов
Популарното “Домче” или Домот на културата и на младите во Маџир Маало во минатото бил центар на културниот и друштвениот живот во населбата. “Домчето” до скоро беше на истото место, се играа карти или се спортуваше во теретаната.

– Таму во минатото се правеше матине до околу 6 часот, а потоа имаше игранка, која траеше до подоцна во ноќта. Во “Домчето” најчесто се раѓаа нови љубови меѓу младите, бидејќи тука секоја вечер се играше танго и тоа беше моментот да се покани симпатијата на танц. Се играше и “банатско” каде што се менуваа по повеќе партнерки во текот на танцот. Во “Домчето” свиреа денес познати музичари, како “Бис Бес”, а таму првпат пееше и Есма, раскажуваше маџирмаалецот Ване Стојковски, кој досега има издадено две монографии за маалото.

За во иднина се планирало еден дел од “Домчето” да се пренамени во канцеларии за младинските организации, како и во него да се отвори еден холандски бар-клуб, но градежната мафија има свои планови, а и послина е од Маџирмаалците.

За маџирмаалскиот менталитет и за “сељаците” – дојденци
– Од порано има останато менталитетот маџирмаалски, кој за нас е многу специфичен. Лесно може да бидеш маџирмаалец, но тешко може да се дружиш со нив.

Ние, на пример, со поглед можеме нешто да си кажеме или да се разбереме за некој “надворешен”. Или ќе го примиме или ќе го отфрлиме во друштвото, но веќе сме се разбрале каква проценка сме донеле за личноста. Секој што ќе дојде во Маџир Маало ние го викаме сељак.

Маџирмаалец кој се чувствува како маџирмаалец, се однесува како цар. Сите околу него се сељаци и дојденци, а тој е цар и смета дека мора да се поклонуваат пред него. Тој самиот се смета дека веќе се докажал со самото тоа што е од Маџир Маало и смета дека сите сакаат да го стигнат него.

Нормално во населбата има луѓе што се доселиле од други градови и места и тие се наши соседи како и сите други и никогаш не биле навредени, туку само меѓу нас, староседелците може така интерно да се пошегуваме дека се сељаци. Сепак, отсекогаш сме се помагале и се помагаме меѓу себе каде и да сме.

Блискоста се манифестира по тоа што од кафеаната “Кеј” до Острово тука секој секого знае по име и кој е негов татко и кој е негов дедо и сите ме поздравуваат без разлика на возраста. Кога влегувам во ова маало, како да сум влегол во својот двор. Ова е нешто што во денешниот модерен град го нема никаде, раскажуваше Стојковски.

Фудбалерите од Маџир Маало шампиони во Париз

За фудбалската традиција со која маџирмаалци се гордеат говори и првото место кое нивната екипа го освоиле на еден турнир во Париз. Пред 20-ина години на покана на нивен поранешен сосед тие отпатувале во посета на Париз, а се вратиле како шампиони од еден фудбалски турнир на кој нивниот домаќин ги пријавил.

– Тоа се случило кога еден маџирмаалец отселен во Париз повикал фудбалска екипа од тука да учествува на турнир во Париз, кои тие подоцна го освоиле. За прославата на 30 години Маџирмаалски средби имавме планирано втора делегација на Маџир Маало да го посети Париз, затоа што од истиот човек кој се уште е таму. Негова животна желба беше уште еднаш да го донесе маџирмаалскиот тим во Париз, а планирано е да оди мешан состав од фудбалската екипа, но и останати членови на друштвото од сите генерации од 18 до 80 години, велат од одборот на Маџирмаалските средби

На крај, од целото дружење и разговор со маџирмаалци ќе забележат дека она што се разликува меѓу старото “нивно” време и сегашноста е блискоста и другарството меѓу луѓето. Велат: Во минатото многу помалку се гледало на материјалното, се споредувало кој има поубав двор, цвеќиња, јорговани, темјанушки и друго, а денес само се гледа кој каков автомобил вози и колку пари има…

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата