Стана првиот муслиман, јужноазиец и најмлад градоначалник на Њујорк по еден век. Човекот кој себе си се нарекува демократски социјалист и најголем кошмар на Трамп, го доби дуелот со екс гувернерот Ендру Куомо, поддржан токму од американскиот претседател, впишувајќи ја првата голема победа на демократите по подолго време.
-Во овој момент на политичка темнина, Њујорк ќе биде светлината. Ова не е само начинот на кој го запираме Трамп, туку и начинот на кој го запираме следниот. Значи, Доналд Трамп, бидејќи знам дека ме гледаш, имам четири зборови за тебе: „Зголеми ја јачината на звукот!“, изјави Зохран Мамдани, победник на изборите за градоначалник на Њујорк.
Мамдани е роден во Уганда, на седумгодишна возраст се сели во Њујорк. Токму затоа и не може да се кандидара за претседател во иднина, иако многумина препознаа нова енергија, која потсетува на онаа на Барак Обама. Кампањата која ја почна лани не ветуваше ништо, но тој експресно ја доби поддршката на работничката класа, преку ветувањата за бесплатен јавен превоз и повисока мининална плата.

-Тој директно му се обрати на Трамп и на неговата злоупотреба на моќ. Конгресот не успеа во тоа. Мамдани сега се постави на Конгресот како национален лидер.
-Ова е огромен историски момент. Нер очекував да видам некој што личи на мојот брат во Градското собрание.
-Ова е зрак надеж и зрак сонце за нас.
Победата на Мамдани се смета за голем пораз на Трамп, кој јавно повика да не се гласа за него, го нарече комунистички лудак и се закани дека ако победи ќе го прекине федералното финансирање за Њујорк. Синоќа се огласи со зајадлива порака дека поразот на Републиканците е поради тоа што неговото име не било на гласачкото ливче. Од Белата куќа само реагираа на обвинувањата на Мамдани дека Трамп се обидел да ја минира неговата изборна победа.

-Мислам дека е тажно некој кој е на врвот на листата денеска да кажува такви работи за претседателот. , изјави Каролин Левит, портпаролка на белата куќа.
Вчерашните избори ги одбележаа и рекордниот одѕив во Њујорк. Гласаа над два милиони граѓани, најмногу во последните 50 години.

