Харченко: Постои „значаен ризик“ од прекини во греењето оваа зима во Украина

5.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Харченко: Постои „значаен ризик“ од прекини во греењето оваа зима во Украина

Директорот на Украинскиот центар за енергетски истражувања,  Олександр Харченко, денеска предупреди дека Украина се соочува со „значаен ризик“ од прекини во греењето оваа зима поради руските воздушни напади кои во последните недели целно ја гаѓаа критичната инфраструктура.

Руската кампања на бомбардирање, која предизвика големи штети на електраните и гасната инфраструктура, веќе предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија низ целата земја и ги зголеми стравувањата од острата зима со падот на температурите.

„Нападите врз објектите за снабдување со греење веќе се случија и ќе продолжат. Не смееме да се залажуваме: ризикот е многу значаен“, предупреди Харченко на прес-конференција.

Според овој енергетски експерт, украинските градови мора да се подготват да го спроведат Планот Б за греење на зградите оваа зима, бидејќи повеќето се потпираат на централизирани системи за греење.

Што се однесува до електричната енергија, додека некои електрани се добро заштитени, дистрибутивните мрежи се речиси незаштитени, а започнаа интензивни напади врз тие мрежи, предупреди Харченко.

Тој, исто така, предупреди за потенцијална „катастрофа“ во главниот град Киев, ако двете електрани што го снабдуваат имаат постојани проблеми на температури под нулата.

Во последните недели, украинските власти спроведоа итни прекини на електричната енергија во неколку региони, а понекогаш и низ целата земја, по серија руски воздушни напади.

Овие бомбардирања потсетуваат на кампањите од претходните години, кои понекогаш потопуваа милиони луѓе во темнина. Украина возвраќа со напади врз нафтени депоа и рафинерии во Русија речиси секоја недела, постојано гаѓајќи ги електраните и трафостаниците.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата