Полковникот Мишел Рандрианирина, кој ја предводеше побуната на војниците што го собори претседателот Андри Раџоелина, во интервју за Асошиејтед изјави дека очекува во следните неколку дена да положи заклетва како нов лидер на земјата.
Рандрианирина вчера објави дека вооружените сили ја преземаат власта на Мадагаскар, со што се стави крај на неделите протести против Раџоелина и неговата влада, главно предводени од младите.
Тој рече дека ја презема улогата на шеф на државата откако Уставниот суд го повикал да го стори тоа во отсуство на Раџоелина, кој побегнал од Мадагаскар по востанието.
Пресвртница во повеќенеделните протести било приклучувањето на елитната воена единица ЦАПСАТ кон демонстрантите.
- Моравме вчера да ја преземеме одговорноста затоа што во земјата повеќе ништо не остана – нема претседател, нема претседател на Сенатот, нема влада, рече Рандрианирина.
Раџоелина, кој беше претседател од 2018 година, рече дека побегнал на безбедно место од страв за својот живот по побуната на војниците на Рандрианирина. Тој го отфрли военото преземање на власта како незаконит обид за преврат удар од страна на побунетата фракција.
Парламентот вчера изгласа негово разрешување и покрај тоа што Раџоелина со декрет малку пред тоа го распушти долниот дом на парламентот, со што дополнително ја продлабочи политичката криза во земјата.
Инспирирани од слични маршеви на генерацијата З во Кенија и Непал, протестите беа најголемиот бран немири на ова сиромашно острово во Индискиот Океан во последните години.
Демонстрантите, кои првично излегоа на улиците поради честите прекини на вода и струја, а потоа бараа негова оставка и се бореа против корупцијата, повеќепати одбиле дијалог со претседателот.
Обединетите нации наведуваат дека во протестите загинале најмалку 22 лица, додека 100 биле повредени. Владата на Мадагаскар ги отфрли тие бројки.