Со пакетот мерки, покрај кон ИД и Ал Каеда, санкции се воведени и кон поединци, групи, компании и други субјекти поврзани со нив. На оваа листа на санкционирани во моментов се наоѓаат 15 лица и седум субјекти.
На сите санкционирани им е замрзнат имотот во ЕУ, а во исто време на лица и субјектите од Унијата им е забрането да им ставаат на располагање средства, финансии или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица опфатени со санкциите им се забранува влез во ЕУ. Овие рестриктивни мерки на ЕУ се комплементарни на санкциите кон ИД и Ал Каеда воведени од страна на Советот за безбедност на ОН.
- ЕУ останува посветена на спротивставување на континуираната терористичка закана што ја претставуваат Ал-Каеда, ИД и нивните регионални подружници. Таа, исто така, останува посветена на преземање решителни мерки против оние кои продолжуваат да ги загрозуваат меѓународниот мир и безбедност со планирање, финансирање и извршување терористички напади и со ширење на нивната смртоносна терористичка пропаганда низ целиот свет, соопшти Советот на ЕУ.
ЕУ го воспостави режимот на санкции кон ИД и Ал Каеда и лица, групи, компании и субјекти поврзани со нив во септември 2016 година. Од тогаш важноста на овие санкции се продолжува секоја година, со повремено проширување на листата на санкционирани или на бришење на некои од нив.

