ЕК предложи поврзување на Украина со сателитските комуникации на ЕУ

28.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕК предложи поврзување на Украина со сателитските комуникации на ЕУ

Европската комисија денеска усвои „важна препорака“ за целосно поврзување на Украина со компонентата Владини сателитски комуникации (ГОВСАТКОМ) од Вселенската програма на Европската Унија и Програмата за безбедна поврзаност на Унијата, информира портпаролот на Европската комисија за технолошка сувереност, одбрана и Вселената, Тома Рение.  

- Ова е важно бидејќи одбраната и Вселената одат „рака под рака“. Веќе целосно ја поврзавме Украина со нашите одбранбени програми. Сега е време да го сториме истото и за Вселената, рече Рение.  

Според него, вклучувањето на Украина во ГОВСАТКОМ ќе обезбеди безбедна вселенска поврзаност, што е од витално значење за конкурентноста, како на земјата, така и на ЕУ во целина, бидејќи ќе создаде дополнителни синергии меѓу украинските и европските компании. - Сега е на земјите членки да и дадат на Комисијата мандат да започне преговори со Украина за ова прашање, додаде Рение. 

За приклучување на Украина кон ГОВСАТКОМ потребно е земјата и ЕУ да склучат меѓународен договор, согласно член 218 од Договорот за функционирање на Европската Унија. Започнувањето на преговори за склучување на ваков договор, според Комисијата, претставува уште еден чекор во продлабочување на партнерството меѓу ЕУ и Украина во областите што се од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на Европа.  

ГОВСАТКОМ е дизајниран да овозможи безбедни и отпорни капацитети за сателитска комуникација преку здружување и споделување на постојните сателитски ресурси на земјите членки и приватни оператори.  

- Зајакнувањето на соработката во компонентата ГОВСАТКОМ е следниот чекор за унапредување на учеството на Украина во Вселенската програма на ЕУ, посочи ЕК. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата