Затворањето на аеродромите во Белгија и неодамнешните упади на дронови во Шведска потврдуваат дека Европа е во опасност, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за одбрана Тома Рение во одговор на прашање за коментар на ЕК на најновите инциденти со неидентификувани беспилотни летала во Белгија.
- Она што е јасно, како што рече и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е дека ова е хибридна војна, изјави Рение, додавајќи дека ЕК им изразува целосна поддршка на Белгија, Шведска и со сите останати земји членки на ЕУ кои се соочуваат со вакви инциденти.
Токму затоа, според него, и во Патоказот за одбранбена подготвеност што неодамна го презентираше Европската комисија, големо внимание се посветува на одбраната од дронови и се предвидува создавање на т.н. „Ѕид од дронови“ како заеднички европски одговор за заштита на сите земји членки.
- Следните чекори во Патоказот се сосема јасни. Во првиот квартал од следната година ќе започнеме да го градиме (Ѕидот) со нашите земји членки и до четвртиот квартал од 2026 година се надеваме дека тој ќе биде оперативен, додаде Рение.
Во однос на некои сугестии дека зад овие инциденти стои Русија, Рение рече дека откривањето на тоа од каде доаѓаат дроновите е целосно во надлежност на земјите членки и Европската комисија не навлегува во тоа.

