Почина жената, која доби бубрег од свиња- морале да ѝ го извадат по 47 дена

10.07.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почина жената, која доби бубрег од свиња- морале да ѝ го извадат по 47 дена

Лиза Писано беше на работ на смртта по проблеми со бубрезите и срцето кога хирурзите во Њујорк ги извршија драматичните операции во април, објави Си-Би-Ес.

На почетокот изгледало дека Лиза се опоравува, но 47 дена подоцна лекарите мораа да го отстранат бубрегот на свиња и да ја вратат Писано на дијализа откако нејзиниот орган беше оштетен од лековите за срце.

И покрај дијализата и вградената срцева пумпа, Лиза на крајот влезе во палијативна нега и починала во неделата, рече д-р Роберт Монтгомери во соопштението.

Монтгомери ја пофали храброста на Лиза во обидот за најновиот експеримент „свиња во човек“, наречен ксенотрансплантација.

Истражувањето има за цел еден ден да го покрие големиот недостиг на органи за трансплантација.

„Лиза ни помогна да се доближиме до реализација на иднината во која една личност не мора да умре за да живее друга личност. Таа ќе биде запаметена по нејзината храброст и добра природа“, рече докторот.

54-годишната Лиза за АП во април изјавила дека знаела дека бубрегот на свињата можеби нема да функционира, но ја прифатила шансата.

„И знаете, во најлошото сценарио, ако не работи за мене, може да работи за некој друг“, рече таа тогаш.

Писано била вториот човек во светот кој доби бубрег од генетски модифицирана свиња.

Првиот пациент, Ричард Рик Слејман, имаше трансплантација во болница во Масачусетс и почина на почетокот на мај, речиси два месеци подоцна.

Неговиот лекар рече дека тој починал од постоечка срцева болест, а не од последиците од трансплантацијата.

Повеќе од 100.000 луѓе се на листата на чекање за трансплантација во САД, на повеќето им треба бубрег, додека илјадници умираат чекајќи.

Неколку биотехнолошки компании генетски ги модифицираат свињите, така што нивните органи се повеќе слични на луѓето, со помала веројатност да бидат уништени од човечкиот имунолошки систем.

Покрај двата бубрежни експерименти, Универзитетот во Мериленд исто така трансплантира две свински срца на двајца мажи на кои им снемало други опции. И двајцата починаа по неколку месеци.

Сепак, она што лекарите го научија од тие напори, заедно со истражувањето на донираните тела, ги натера да се надеваат дека некаде следната година ќе започнат формални клинички испитувања со пациенти кои не се толку болни.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата