Парламентарни избори во Ирак

11.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Парламентарни избори во Ирак

Повеќе од 21 милион луѓе имаат право на глас, повеќе од две децении по американската инвазија што го собори Садам Хусеин и по години конфликти против Исламска држава.

И покрај редовните избори, ирачката демократија останува кревка и погодена од корупција и лошо управување, а многу Ирачани се скептични кон изборниот процес, пренесе ДПА.

Премиерот Мохамед Шиа ал-Судани се обидува да добие втор мандат, иако поделбите во рамките на неговата коалиција би можеле да ги намалат неговите шанси.

Тој, исто така, мора да се справи со спротивставени притисоци од САД и Иран.

Иран го задржува своето влијание преку шиитски милиции и политички фракции, додека Вашингтон продолжува да инсистира на нивно разоружување.

Влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр и неговото движење најавија бојкот на изборите, потег кој би можел значително да влијае врз излезноста.

На изборите учествуваат повеќе од 7.700 кандидати, при што една четвртина од местата се резервирани за жени. Изборната комисија планира да ги објави првичните резултати во рок од 24 часа по затворањето на гласачките места.

Изборниот процес ќе го следат меѓународни набљудувачи од ОН и Арапската лига.

Кампањата беше обележана со насилство, вклучувајќи го и убиството на сунитскиот кандидат Сафаа ал-Машхадани во Багдад минатиот месец.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата