Преговарачите на Европскиот парламентот и данското претседателство со Советот на ЕУ доцна синоќа постигнаа прелиминарен договор околу предложените измени на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, со кои се намалуваат административните и регулаторните оптоварувања за земјоделците.
Целта на овие измени е зголемување на конкурентноста на европското земјоделство преку намалување на бирократските процедури, поддршка на земјоделците, поттикнување на иновациите и зголемување на продуктивноста.
Се предвидува дека предложените измени ќе резултираат со значително намалување на трошоците на земјоделците до 1,6 милијарди евра годишно, а на националните администрации на земјите членки од над 200 милиони евра.
Предложените измени на Заедничката земјоделска политика на ЕУ се дел од т.н. „Омнибус“ за поедноставување, што Европската комисија го предложи во мај годинава.
Со предлогот се менуваат критериумите за дефиниција на обработливото земјиште, со цел да се заштити биодиверзитетот и да се намалат трошоците на земјоделците за орање. Со измените едно земјиште кое на 1 јануари 2026 година се сметало за обработливо, ќе може да го задржи тој статус дури и ако не е изорано, обработено или повторно засеано.
Дополнително, за земјоделците кои имаат сертификат за органско производство ќе се смета дека автоматски ги исполнуваат барањата за одржување на земјиштето во добра земјоделска и еколошка состојба, а редовните инспекциите на земјоделските површини се ограничуваат на само една годишно.
Максималните годишни субвенции за малите земјоделци се зголемуваат од 2.500 на 3.000 евра, а еднократната помош за развој е зголемена од 50.000 на 75.000 евра.
Со договорот на земјите членки им се овозможува да исплаќаат вонредна помош на активните земјоделци погодени од природни непогоди, неповолни климатски настани или несреќи од катастрофални размери, со цел да се овозможи континуитет на нивната земјоделска активност.
Синоќа усогласениот прелиминарен договор сега треба да го одобрат и Советот на ЕУ и Европскиот парламент.

