Националната гарда на Тексас распореди 200 војници во Илиноис заради заштита на федералните објекти

8.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Националната гарда на Тексас распореди 200 војници во Илиноис заради заштита на федералните објекти

Официјален претставник на Пентагон изјави дека 200 гардисти се мобилизирани за првичен период од 60 дена, јави Фокс Њуз.

Војниците пристигнаа во Илиноис „во поддршка на Мисијата за федерална заштита за заштита на федералните функции, персонал и имот“, се вели во соопштението на Пентагон.

Околу десетина лица се уапсени во близина на објектот на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) во Бродвју, каде што со денови се собираат антиимиграциски групи.

Секретарката за домашна безбедност (DHS), Кристи Ноем, во саботата објави дека дополнителен персонал за специјални операции ќе биде распореден во Илиноис, откако федералните агенти биле удрени и блокирани од 10 автомобили.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, објави потврда на платформата Икс, наведувајќи дека припадниците на службата се „на терен и подготвени за акција“.

„Тие ја ставаат Америка на прво место со тоа што обезбедуваат федералната влада да може безбедно да го спроведе федералниот закон“, напиша Абот.

Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, синоќа повтори дека верува оти распоредувањето е „незаконско, неуставно, опасно и погрешно“.

Со извршна наредба потпишана во понеделникот, Џонсон создаде „зони без ICE“, забранувајќи им на федералните имиграциски агенти да користат имот во сопственост на градот за операции за спроведување на имиграцијата.

- Администрацијата на Трамп мора да стави крај на војната против Чикаго, рече Џонсон на прес-конференција во понеделникот. Администрацијата на Трамп мора да стави крај на оваа војна против Американците. Администрацијата на Трамп мора да стави крај на својот обид да ја демонтира нашата демократија, потсетува Фокс Њуз.

Коалицијата против агендата на Трамп (CATA), активистичка група со седиште во Чикаго, планираше итен протест во центарот на Чикаго, закажан за денеска попладне.

Хатем Абудајех, национален претседател на Мрежата на палестинската заедница во САД (USPCN) и портпарол на CATA, изјави за „Фокс Њуз Дигитал“ дека групата „стои обединета во борбата против расистичките и белите супрематистички напади на [претседателот Доналд] Трамп врз нашите заедници“.

„Гардата е испратена да им се придружи на ICE за да предизвика хаос и да ги тероризира нашите населби, бидејќи жителите на Чикаго не се повлекуваат пред насилници како Трамп“, напиша Абудајех во изјава за „Фокс Њуз Дигитал“. „Нашите заедници овде – особено Мексиканците, Централноамериканците и Црнците – се организираат, даваат отпор и се мобилизираат во огромен број за протести, едукација на заедницата и презентации 'Запознајте ги своите права', и тимови за брз одговор кои директно ги бранат нашите соседи имигранти од ICE. Ќе продолжиме да се спротивставуваме заедно, обединети преку расата, класата и националноста, и тие никогаш нема да нѐ скршат!“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата