Откако ослабе во тропска бура над Јужното Кинеско Море, Фунг-вонг моментално се движи кон Тајван, каде што би можел да пристигне в четврток.
Бурата ги погоди северните Филипини само една недела по тајфунот Калмаеги, кој ги погоди централните провинции, усмртувајќи најмалку 232 лица, а подоцна и Виетнам, каде што загинале најмалку пет лица.
Фунг-вонг бил супер тајфун со максимални ветрови од 185 километри на час кога во неделата пристигнал до копното во провинцијата Аурора. Бурата ослабела додека ноќе минувала преку северните планински провинции и земјоделските рамнини пред да стигне до Јужното Кинеско Море, наведоа метеоролозите.
Повеќе од 1,4 милиони луѓе биле преселени во засолништа пред тајфунот да стигне до копното, додека околу 240.000 лица останале во евакуациски центри. Најмалку 132 северни села биле поплавени, а повеќе од 4.100 куќи биле оштетени, изјави Бернардо Рафаелито Алехандро од Канцеларијата за цивилна заштита.
- Иако тајфунот помина, неговите дождови сè уште претставуваат опасност во одредени области на северен Лузон, вклучувајќи ја и Манила, рече Алехандро.
Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос Помладиот, прогласи вонредна состојба поради последиците што ги предизвика тајфунот Калмаеги и очекуваната штета од Фунг-вонг, познат на Филипините и како Уван.
Училиштата и повеќето владини канцеларии од вчера се затворени, а бројни локални и меѓународни летови се откажани. Повеќе од 6.600 патници и работници останаа во пристаништата откако крајбрежната стража забрани пловидба поради бранови.
Филипините секоја година ги погодуваат околу 20 тајфуни и бури, а земјата покрај тоа е изложена на земјотреси и има повеќе од десет активни вулкани, што ја прави една од државите најподложни на природни катастрофи во светот, истакнуваат метеоролозите.

