Над 700 убиени во насилните протести во Танзанија- илјадници на улиците поради изборни нерегуларности (ВИДЕО)

31.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Над 700 убиени во насилните протести во Танзанија- илјадници на улиците поради изборни нерегуларности (ВИДЕО)

Протестите избувнаа во среда, на самиот ден на изборите во Танзанија, поради, како што тврдат демонстрантите, систематското потиснување на опозицијата и исклучувањето на клучните кандидати од претседателските избори, објави „Гардијан“.

Џон Китока, портпарол на опозициската партија Чадема, изјави за агенцијата Франс-прес (АФП) дека стотици луѓе се убиени од среда.

„Додека зборуваме, бројот на жртви во Дар ес Салам е околу 350, а во Мванза повеќе од 200. Ако ги додадеме бројките од други места низ земјата, вкупниот број е околу 700“, рече тој. Додаде дека бројот на жртви може да биде значително поголем бидејќи убиствата можеби се случиле за време на ноќниот полициски час.

„Престанете да ги убивате нашите демонстранти“

Неименуван безбедносен извор потврди за АФП дека има извештаи за повеќе од 500 мртви, „можеби 700-800 низ целата земја“. Амнести Интернешнл соопшти дека добила информации за најмалку 100 убиени лица.

Китока објасни дека бројките на Чадема биле собрани преку мрежа на членови кои ги посетиле болниците и здравствените клиники и „броеле мртви тела“.

Тој побарал од владата да „престанат да ги убиваат нашите демонстранти“ и повикал на формирање преодна влада што ќе го отвори патот за слободни и фер избори. „Стоп на полициската бруталност. Почитувајте ја волјата на народот, што е изборна правда“, рече Китока.

Апсења и киднапирања на критичари на владата

Танзанијанците излегоа на гласачките места во среда каде што се очекуваше претседателката Самија Сулуху Хасан да ја консолидира својата власт во услови на интензивирање на репресијата и исклучување на клучните противници од претседателската трка. Во април, Тунду Лису, потпретседател на Чадема, беше уапсен и обвинет за предавство и кибер криминал, а неговата партија подоцна беше дисквалификувана од учество.

Минатиот месец, Лухага Мпина, лидер на другата опозициска партија, АКТ-Вазалендо, исто така беше дисквалификуван, оставајќи ја Хасан во трката само со помалку познати противници од помалите партии. Во пресрет на изборите, беа регистрирани и апсења и киднапирања на критичари на владата.

Од среда, големи групи демонстранти се судрија со полицијата и уништија имот поврзан со владејачката партија. Демонстрациите беа центрирани во пристанишниот град Дар ес Салам, но оттогаш се проширија низ целата земја.

Владата одговори со воведување полициски час и прекинување на интернет врските, што го потврди и глобалниот монитор NetBlocks. Началникот на армијата, генерал Џејкоб Џон Мкунда, вчера го осуди насилството, ги нарече демонстрантите „криминалци“ и најави дека безбедносните сили ќе ја контролираат ситуацијата.

ОН: Вознемирени сме

Канцеларијата на Високиот комесар на ОН за човекови права (OHCHR) изрази „разочарување“ од смртните случаи и повредите во протестите, велејќи дека добила извештаи за најмалку 10 лица убиени од безбедносните сили. OHCHR потврди веродостојни извештаи за смртни случаи во Дар ес Салам, Шинјанга и Морогоро, каде што безбедносните сили употребиле боева муниција и солзавец.

Портпаролот Сеиф Маганго ги повика безбедносните сили да покажат воздржаност, а демонстрантите да демонстрираат мирно.

Тито Маготи, адвокат за човекови права, рече дека е „неоправдано“ безбедносните агенции да користат сила. „Таа мора да го слуша народот. Расположението во земјата е такво што немаше избори... Не можеме да гласаме за еден кандидат“, рече тој.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата