Молдавската полиција конфискува над еден милион евра наменети за купување на гласови на претстојните парламентарни избори

17.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Молдавската полиција конфискува над еден милион евра наменети за купување на гласови на претстојните парламентарни избори

Акцијата беше спроведена против нелегалното финансирање на политичките партии пред парламентарните избори што треба да се одржат на 28 септември. Покрај парите запленети се и електронски уреди за складирање податоци и други докази.

Истрагата е насочена кон групи лица осомничени за купување на гласови. Помеѓу осомничените се високи личности во политичките партии, како и членови и поддржувачи кои го олесниле насочувањето на средствата кон политичките партии.

Началникот на молдавската полиција Виорел Чернуцјану изјави дека се истражуваат обидите за купување на гласови на претстојните избори. Според него се нуделе 1.000 леи (50 евра) за глас, додека сумата е поголема за гласачите од дијаспората.

Молдавските аналитичари предупредуваат дека Русија се обидува да влијае врз политичките процеси во поранешната советска република. Претседателката на Молдавија, Маја Санду на почетокот од предизборната кампања изјави дека Русија дала 100 милиони долари за да влијае врз изборите со цел да се формира проруско мнозинство во Парламентот. Според нема Русија минатата година дала 200 милиони долари за претседателските избори.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата