Хамас се согласи да ги ослободи заложниците – Израел и нареди на војската да ги ограничи операциите во Газа

4.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хамас се согласи да ги ослободи заложниците – Израел и нареди на војската да ги ограничи операциите во Газа

Милитантната организација прифати делови од мировниот план на САД и тврди дека е подготвена да разговара. Како резултат на тоа, од кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху соопштија дека ги ограничи офанзивните операции во Појасот и соопшти дека се подготвува за итно спроведување на првата фаза од планот. Во меѓувреме, американскиот претседател во видео обраќање порача дека сите страни во конфликтот ќе бидат третирани фер.

-Ова е многу посебен ден. Можеби без преседан на многу начини. Тоа е без преседан. Ви благодарам на сите, и на оние големи држави кои помогнаа. Ни беше дадена голема помош, сите беа обединети во тоа да се стави крај на оваа војна и да има мир на блискиот исток и многу сме блиску да го постигнеме тоа. Ви благодарам на сите и кон сите ќе има фер однос.-Доналд Трамп – Претседател на САД.

Иако најави ослободување на заложниците, сепак од Хамас најавија дека за сега не размислуваат да го фрлат оружјето. Дополнително, за нив неприфатлив е и предлогот со Газа да управува меѓународно тело кое треба да ја спроведе реконструкцијата по војната.

-Тоа го велиме од почетокот, нема да имаме потреба од оружје ако нема окупација. Никогаш нема да прифатиме некој што не е Палестинец да ги контролира Палестинците. Тоа не е само услов на Хамас, туку на сите Палестинци. И не можеме да донесеме некој како Тони Блер да биде гувернер во Газа,-- Муса Абу Марзук – Висок припадник на Хамас.

Можноста за мир по речиси две години војна и Израелците и Палестинците ја дочекаа со претпазлив оптимизам.

Ова е многу среќна вест за нас Палестинците. Ова е вистинска одлука иако доаѓа многу доцна. / Среќни сме дека војната ќе запре бидејќи сме изморени од глад, преселби и крвопролевање.

Се надевам дека (Хамас) ќе го направат тоа што го велат и се надевам дека ќе ги ослободат заложниците. / Мислам дека е добар знак. Ова требаше да се случи многу одамна. Но, мислам дека е добро што Трамп притиска со овој мировен план.

Планот од 20 точки кој го презентираше американскиот претседател Трамп, покрај ослободување на преостанатите израелски заложници, предвидува и постепено повлекување на израелската армија од Газа.

Израел за возврат треба да ослободи и 250 палестински затвореници кои издржуваат доживотни затворски казни. Хамас пак, треба да го положи оружјето и да нема никаква улога во управувањето со Појасот. Членовите на милитантната организација кои сакаат да останат во Газа би добиле амнестија, а тие кои сакаат ќе можат да заминат во други земји.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата