ИДФ: Се забрзуваат подготовките за првата фаза од планот на Трамп за завршување на војната во Газа

4.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ИДФ: Се забрзуваат подготовките за првата фаза од планот на Трамп за завршување на војната во Газа

 Израелската војска (ИДФ) соопшти дека ќе ги забрза подготовките за првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Газа и враќање на преостанатите заложници, откако Хамас изјави дека прифаќа делови од предложениот договор и е подготвен да преговара за остатокот.

Според соопштението на ИДФ, израелската Влада им наложила да се подготват за спроведување на планот на Трамп, јавуваат американските медиуми, додека „Тајмс оф Израел“ наведува дека ИДФ преминува на чисто одбранбени операции во Појасот Газа и нема да презема понатамошни напади.

Објавата дојде кратко откако Трамп му порача на Израел да престане со бомбардирањето на Газа откако Хамас прифати делови од неговиот план.

Трамп го поздрави соопштението на Хамас, велејќи дека верува дека тие се „подготвени за траен мир“.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа одржа итен состанок со своите најблиски соработници, на кој не присуствуваа министрите од крајната десница Безалел Смотрих и Итамар Бен Гвир, кои се противат на прекинувањето на војната, објавија израелските медиуми, додавајќи дека на состанокот учествувале министерот за одбрана Израел Кац и министерот за стратешки прашања Рон Дермер.

Нетанјаху, според Канал 12, не го окарактеризира одговорот на Хамас на предлогот на Трамп како позитивен, наведувајќи дека бил „претежно негативен“, но оценил дека милитантната палестинска група ги прифаќа напорите на Трамп бидејќи не гледа друга опција.

Канал 12 објавува проценки во Израел дека Хамас веројатно ќе поднесе приговори на предложениот план и ќе побара гаранции во врска со преостанатите елементи од договорот, особено во врска со повоената Газа. Ова се очекува за време на најавените преговори, закажани за утрењ во египетското летувалиште Шалм ел Шејк, за почетната фаза на ослободување на заложниците и повлекувањето на израелските воени сили, што, како што е оценето, веројатно „дополнително ќе го комплицира процесот“.

Истовремено, ИДФ ги предупреди Палестинците да не се враќаат во градот Газа ниту да им се приближуваат на израелските трупи во други делови од Појасот Газа за време на паузата во воените активности.

-Војниците на Израелските одбранбени сили (ИДФ) сè уште го опкружуваат градот Газа и враќањето таму е многу опасно, изјави портпаролот на ИДФ, Авишаи Адрае, конкретно споменувајќи дека опасната зона е северниот дел од Појасот Газа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата