Јетен: Треба брзо да се формира стабилна Влада на Холандија

30.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јетен: Треба брзо да се формира стабилна Влада на Холандија

Процесот на формирање нова холандска Влада нема да биде лесен, но потребно е да се искористи моментумот и брзо да се формира стабилен владин Кабинет, изјави денеска лидерот на партијата Демократи 66 (Д66), Роб Јетен во очекување на конечните резултати од вчерашните парламентарни избори во земјата. 

Според последните објавени резултати околу 11:30, десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс води пред социјал-либералната Д66 со 1.984 гласа предност, но се уште се очекуваат гласовите на околу 135.000 Холанѓани во странство, кои би можеле да ја променат состојбата.  

Јетен, кого медиумите веќе го посочуваат како речиси сигурен нов холандски премиер, изјави дека не е сеедно која партија ќе освои најмногу гласови на изборите. 

- Дали најголема партија ќе биде Д66 или ПВВ, дефинитивно ќе направи разлика, изјави Јетен, посочувајќи дека иницијативата за формирање нова влада е на најголемата партија. 

Сепак, според него, по завршувањето на изборите партиите ќе им треба малку време да размислат за изборниот исходот и да донесат одлука за своите идни чекори околу формирањето на новата Влада. 

- Треба брзо да се формира стабилен Кабинет, во кој партиите нема да ги гледаат интересите само на своите поддржувачи, додаде претпладнево лидерот на Д66. 

Минатата ноќ кога неговата партија имаше предност во текот на броењето на гласовите, Јетен изјави дека многу логична опција за владина коалиција е онаа на неговата Д66 со конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), лево центристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) и десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА). Ваквата „коалиција на центарот“ според сегашниот распоред на силите во Парламентот би имала 86 пратеници или 10 повеќе од потребните 76 за парламентарно мнозинство.   

Но, идејата Јетен за „коалиција на центарот“ веројатно нема да биде лесно остварлива, имајќи предвид дека лидерката на ВВД, Дилан Јешилѓоз-Зехериус во текот на изборната кампања во повеќе наврати повтори дека нема да прифати коалицирање со блокот на лабуристите и зелените. 

Токму изјавите на Јетен дека партиите треба „да размислат за изборниот исход“ и „да не ги гледаат интересите само на своите поддржувачи“, се толкува како порака упатена до Јешилѓоз. 

Јетен би имал опција наместо лево центристичкиот блок во Владата да ја вклучи десничарската ЈА21, создавајќи, но во моментов таквата коалиција на десниот центар би имала 75 места или едно помалку од потребното мнозинство, што значи дека тој би морал да бара и петти партнер или да се реши за формирање нестабилен малцински Кабинет.  

Според досега преброените гласови, ПВВ и Д66 имат по 26 пратенички места, пред ВВД со 22, блокот ПВДА-ГЛ со 20 и ЦДА со 18 мандати. Натаму следуваат десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21) со девет пратеници, десно популистичкиот Форум за демократија (ФВД) со седум и Движењето на земјоделците-граѓани (БББ) со четири мандати. Демохристијанската Христијанска унија (ЦУ), конзервативната Реформистичка политичка партија (СГП), Партијата за животните (ПВДД), партијата на холандските Турци, Еднаквост (Денк) и левата популистичка Социјалистичка партија (СП) би имале по три пратеници, партијата на пензионерите 50 Плус (50+) два мандати, а социјал-либералната Волт едно пратеничко место.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата