ЕК: Секоја наша членка може привремено да ја укине забраната за лет на авионот на Путин

17.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕК: Секоја наша членка може привремено да ја укине забраната за лет на авионот на Путин

„Ја поздравуваме оваа средба ако помага да се постигне траен и праведен мир во Украина“, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин дека двајцата ќе се сретнат во Будимпешта во следните две недели.

Логистички и правни прашања

Во врска со логистичките прашања околу пристигнувањето на рускиот претседател во Будимпешта, Комисијата појасни дека секоја земја-членка може по исклучок да одобри отстапување од забраната за влез на руски авиони во европскиот воздушен простор.

Портпаролката на Комисијата, Анита Хипер, изјави дека санкциите наметнати врз рускиот претседател Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров вклучуваат замрзнување на нивните средства во ЕУ, но не и забрана за нивен влез на територијата на ЕУ.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Путин во 2023 година за воени злосторства поврзани со нелегалната депортација на украински деца.

Унгарија како домаќин

Унгарија веќе беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во април оваа година, за кого МКС исто така издаде налог за апсење. После тоа, унгарската влада информираше дека се повлекува од тој суд.

Сепак, според статутот на МКС, Унгарија сè уште е должна да го уапси Путин, бидејќи повлекувањето од судот стапува на сила една година откако ќе биде известен генералниот секретар на ОН.

Во унгарскиот случај, тоа е јуни 2026 година.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денес изјави дека Будимпешта ќе обезбеди Путин непречено да влезе на нејзина територија со цел да се сретне со Трамп и успешно да се врати во Русија.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата