Италијанското одделение за борба против мафијата отвори истрага за подметнатата бомба под автомобилот на новинарот Ранучи

17.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Италијанското одделение за борба против мафијата отвори истрага за подметнатата бомба под автомобилот на новинарот Ранучи

 Автомобилот на ќерката на Ранучи синоќа експлодира пред нивниот дом, што се наоѓа на околу 20 километри од Рим. Во нападот никој не е повреден.

Ранучи кој е дел од истражувачката мрежа „Репорт“ на италијанската државна телевизија РАИ 3, е под полициска заштита од 2021 година и повеќе пати е обвинет за клевета.

Ранучи изјави дека експлозијата претставува ескалација на долгогодишните закани против него и оти верува дека нападот е поврзан со истрагите на „Репорт“ за поврзаноста на италијанската мафија и десничарските криминални групи.

- Секој што мисли дека може да ја условува работата на „Репорт“ правејќи нешто вакво, ќе има спротивен ефект, посочи Ранучи.

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони експлозијата ја оцени како „сериозен чин на заплашување“ и го осуди нападот.

Слободата и независноста на информациите се суштински вредности на нашите демократии, кои ќе продолжиме да ги браниме, истакна Мелони.

Неколку италијански новинарски здруженија и политичари изразија солидарност со Ранучи.

Експлозијата се случи на осмата годишнина од убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, која загина во многу сличен напад.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата