Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека земјата ќе воведе забрана за користење на социјални мрежи за лица под 15 години, обвинувајќи ги мобилните телефони и социјалните мрежи дека „им ја крадат детството на децата“.
Во својот говор во вторникот, на отворањето на данскиот парламент – Фолкетингот, Фредериксен ја најави оваа мерка, истакнувајќи:
„Ослободивме чудовиште. Никогаш досега толку многу деца и млади не страдале од анксиозност и депресија.“
Таа додаде дека многу деца имаат проблеми со читањето и концентрацијата, нагласувајќи дека „на екраните гледаат работи што ниту едно дете, ниту млад човек не треба да ги види“.
Фредериксен не прецизираше на кои социјални мрежи ќе се однесува забраната, но рече дека ќе опфати „неколку“ најпопуларни платформи. Сепак, родителите ќе имаат можност да дадат дозвола нивните деца да користат социјални мрежи од 13-годишна возраст.
Се очекува мерката да стапи во сила веќе следната година.
Оваа одлука следи по примерот на Австралија, која воведува забрана за користење на Facebook, Snapchat, TikTok и YouTube за лица под 16 години, како и на Норвешка, каде премиерот Јонас Гар Сторе најави подигање на минималната возраст за користење социјални мрежи од 13 на 15 години.
Сторе изјави минатата година дека тоа ќе биде „тешка битка“, но дека политичарите мора да интервенираат за да ги заштитат децата од „моќта на алгоритмите“.
Данската министерка за дигитализација, Каролине Стаге, го нарече овој потег „голем пробив“. Таа изјави:
„Тоа го кажав и порано, и ќе го повторам: бевме премногу наивни. Им го препуштивме дигиталниот живот на децата на платформи кои никогаш не ја имале нивната добросостојба на ум. Мораме да се движиме од дигитално заробеништво кон заедница.“
Во својот говор, премиерката изнесе загрижувачки податоци: 60% од момчињата на возраст од 11 до 19 години не се среќаваат ниту со еден пријател во слободното време, а 94% од децата во седмо одделение имаат профил на социјални мрежи уште пред да наполнат 13 години.
„Мобилните телефони и социјалните мрежи им го крадат детството на нашите деца,“ рече таа, а пренесува Гардијан.
Оваа најава следува откако во февруари Данска забрани мобилни телефони во сите училишта и училишни клубови, по препорака на владина комисија за благосостојба, која заклучи дека децата под 13 години не треба да имаат свој паметен телефон или таблет.
Истражувањата за влијанието на социјалните мрежи врз децата и младите ги тераат владите ширум светот да го преиспитаат пристапот до овие платформи.
Во јуни, Грција предложи ЕУ да воведе „возраст на дигитална зрелост“, со која би се забранило децата да користат социјални мрежи без согласност од родителите.