Пентагон ѝ даде зелено светло на Белата куќа да ѝ обезбеди на Украина ракети со долг дострел „Томахавк“ откако процени дека тоа нема негативно да влијае врз снабдувањето на САД, оставајќи ја конечната политичка одлука во рацете на претседателот Доналд Трамп, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на тројца американски и европски претставници запознаени со ова прашање.
Порано овој месец, за време на работен ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, Трамп рече дека би претпочитал да не ги испорача ракетите на Украина затоа што „не сака да ги даде работите што им се потребни за да ја заштитат својата земја“.
Здружениот штаб на вооружените сили ја информираше Белата куќа за својата проценка претходно овој месец, кратко пред Трамп да се сретне со Зеленски, кој инсистираше дека ракетите поефикасно ќе ги таргетираат нафтените и енергетските постројки длабоко во Русија. „Томахавките“ имаат дострел од околу 1.000 милји.
Проценката ги охрабри европските сојузници на САД, кои веруваат дека Соединетите Држави сега имаат помалку изговори да не ги испорачаат ракетите, изјавија двајца европски претставници. Трамп, исто така, само неколку дена пред средбата со Зеленски, изјави дека САД имаат „многу томахавки“ што потенцијално би можеле да ѝ ги дадат на Украина.
Затоа, американските и европските претставници беа изненадени кога Трамп драматично го смени својот став неколку дена подоцна, велејќи за време на воведниот говор на работниот ручек во Белата куќа со Зеленски дека на САД им „им се потребни“ томахавките. Потоа, зад затворени врати, му рече на Зеленски дека САД нема да ги обезбедат, барем не засега.
Одлуката на Трамп дојде еден ден откако разговараше по телефон со рускиот претседател Владимир Путин, кој му рече на Трамп дека томахавките би можеле да ги погодат големите руски градови како Москва и Санкт Петербург, што нема да има значително влијание врз бојното поле, но би ги оштетило односите меѓу САД и Русија, објави Си-Ен-Ен.

