Белгија ќе формира Национален центар за воздушна безбедност

6.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белгија ќе формира Национален центар за воздушна безбедност

- Сите безбедносни служби заедно мора да имаат глобална слика за воздушниот простор, изјави Франкен по денешниот вонреден состанок на Советот за национална безбедност на Белгија, посветен на зачестената појава на дронови над аеродроми и воени бази во земјата во последниве неколку недели.  

Пред состанокот, Франкен изјави ваква институција веќе постои за морнарицата, па таа е неопходна и за воздухопловството и воздушниот простор, со што сите служби ќе можат да работат заедно на координиран начин.  

Франкен информира дека на Советот се говорело и за набавка на опрема за борбата против дронови, најавувајќи дека утре на седница на Владата ќе предложи план за проширување на капацитетите за справување со беспилотни летала. 

- Во меѓувреме, не смееме да дозволиме непријателски дронови над нашата територија или над нашите воени бази. Мандатот и упатствата се јасни: доколку е можно, ќе ги собориме, додаде Франкен. 

Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтан, на чие барање беше свикан денешниот Совет, изјави дека мора да се воспостави јасна законска рамка за дроновите, за да и се овозможи на полицијата да реагира. 

- Наша работа како политичари е да го овозможиме тоа. Не живееме во систем каде што секој може да прави што сака. Не можеме да ги забраниме сите дронови, бидејќи ни се потребни и за нашата безбедност, но мора да има правила, рече Квинтан. 

Тој нагласи дека поединците кои со своите дронови ја загрозуваат безбедноста, би можеле да добијат од 10 до 20 години затвор. 

Во врска со зачестената појава дронови со непознато потекло во Белгија, Квинтан нагласи дека иако заканата од леталата постои, сепак „ситуацијата е под контрола“.  

- Заканата постои, не го негирам тоа, но сигурно не сме целосно препуштени на нашата судбина, додаде Квинтан.

Поради забележани дронови во нивниот воздушен простор, во вторникот вечерта  за сообраќај времено беа затворени аеродромите во Брисел и Лиеж. Претходно, во текот на истиот ден беспилотни летала беа забележани и над воените бази „Клајне-Брогел“, „Флорен“ и „Схафен“ во близина на градот Дист.  

Воздухопловната база „Клајне-Брогел“, во која се сместени припадници на силите на НАТО и се претпоставува дека во неа е складирано американско нуклеарно оружје, е во состојба на зголемена борбена готовност, откако претходно над неа беа забележани дронови три ноќи по ред, од петокот, до неделата. Во оваа база се стационирани белгиските ловци Ф-16, а од 2027 година таму треба да бидат лоцирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.     

Изминатиов период дронови беа регистрирани и над уште три белгиски бази. Потеклото на овие дронови останува непознато и иако сомнежите се насочени кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема докази за да може да ги потврди овие претпоставки.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата