Оваа трагедија оставила длабока трага врз актерот, а случајот е сè уште активен денес, повеќе од 40 години подоцна, пишува E!Online.
Неговата ќерка, Шона Редфорд, тогаш 22-годишна студентка на Универзитетот во Колорадо, Болдер, била „преплавена од шок и тага“, се присетил актерот пред биографот Мајкл Калан. Без размислување, Редфорд го напуштил снимањето на филмот во Бафало, изнајмил приватен авион и ја зел својата сопруга Лола Ван Вагенен по пат за да биде со својата ќерка што е можно поскоро.
Детали за злосторството
Сид Велс бил пронајден мртов на 1 август 1983 година, во неговиот стан во Болдер. Убиен е од истрел од пушка калибар 22 во тилот. Шона и Велс, кој на почетокот не знаел дека таа е ќерка на филмската ѕвезда, почнаа да се забавуваат во нивната прва година на колеџ. Неговата смрт ја скрши Шона, а трагедијата длабоко го потресе и нејзиниот татко.
„Таа отсекогаш била малку отуѓена, но после тоа стана осаменик“, му рече на Калан режисерот на „Сите луѓе на претседателот“, Алан Пакула. „Често се прашував дали станува збор за некаква природна параноја, сфаќањето дека тој и неговото семејство се многу поизложена цел од сите нас“.
Иако мораше да се врати на работа по погребот на Велс, концентрацијата на Редфорд на снимањето беше „очигледно нарушена“. „Размислував за дилемата на мојата ќерка, а не за некое измислено сценарио“, призна добитникот на Оскар.
Истрагата и главниот осомничен
Во времето на убиството, Велс изнајмувал соба на Тејн Смика, 24-годишник кој го напуштил колеџот и, според полицијата, доцнел со плаќањето на киријата. Истражителите ја пронашле белешката на Смика на местото на злосторството во која пишувало дека отишол да ги посети своите родители. Сепак, властите подоцна откриле дека неговата приказна е полна со празнини.
Смика беше уапсен на 6 октомври 1983 година, но беше ослободен неколку недели подоцна бидејќи тогашниот окружен обвинител Алекс Хантер не верувал дека има доволно докази за да се покрене обвинение против него. „Сите докази укажуваа на Тејн“, изјави мајката на Велс, Џун Менгер, за емисијата „Дејтлајн“ на NBC во 2013 година. „Полицијата мислеше така, неговите пријатели мислеа така. Не можевме да разбереме зошто го пуштија.“
Големата порота, исто така, одби да покрене обвинение против Смика во 1985 година, а тој исчезна една година подоцна, според ФБИ.
Случај што никогаш не е заборавен
Џун Менгер призна години подоцна дека сфатила дека токму врската со Редфорд помогнала случајот да не падне во заборав. Познатиот актер цело време ја следел истрагата, а во 2010 година, кога бил издаден нов налог за апсење на Смика, тој лично го повикал тогашниот окружен обвинител.
„Еден ден, бев во мојата канцеларија и мојата секретарка рече: „Роберт Редфорд е на телефон. Дали сакате да разговарате со него?“ реков, секако“, се присети поранешниот обвинител Стен Гарнет на 9News по смртта на актерот на 16 септември. Во краток разговор, Редфорд му се заблагодарил што не се откажал од случајот.
Потрагата продолжува
Еден ден по смртта на Редфорд, канцеларијата на ФБИ во Денвер повторно објави информации за убиството и потрагата по Смика на социјалните медиуми, вклучувајќи фотоботи што покажуваат како можеби изгледал осомничениот, сега 66-годишен.
Последната позната трага од Смика датира од октомври 1986 година, кога неговиот автомобил бил пронајден напуштен во Беверли Хилс. Налогот за апсење од 2010 година беше поттикнат од нови балистички тестови што го поврзаа куршумот пронајден во телото на Велс со чаури пронајдени во семејниот дом на Смика.
ФБИ сè уште нуди награда од 10.000 долари за информации што ќе доведат до апсење на Смика. Како што рече еден од истражителите во 2013 година: „Ова не е прашање „кој го направил тоа“, туку „каде е тој?“